Здравје Избор ТОП ВЕСТИ

Здравје: Осум видови храна и пијалоци кои треба да се избегнуваат, предизвикуваат воспаленија и сало на стомакот

Охрид, 25. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – Грицките за многумина се омилена храна која нуди брза енергија и го задоволува апетитот. Освен нив, на многумина омилени пијалоци им се и оние кои се богати со шеќер, а имаат ист ефект како популарните грицки, но не содржат хранливи материи корисни за организмот.

Иако овие видови на храна и пијалоци се вкусни и можат да обезбедат привремен енергетски поттик, тие се богати со рафинирани шеќери и нездрави масти кои можат да придонесат за воспаленија и зголемување на телесната тежина. Нутриционистката Lisa Richards откри кои многу популарни видови на храна и пијалоци треба да се намалат, а идеално, целосно да се прекине со нивно консумирање.

Слатки

Слатките се полни со рафинирани шеќери кои можат да го зголемат нивото на шеќер во крвта, што го стимулира ослободувањето на инсулин, хормон кој помага да се складира вишокот гликоза како маснотии, особено околу стомакот.

– Полни се со шеќер, нездрави масти и вештачки состојки. Слатките ги поттикнуваат воспаленијата и придонесуваат за зголемување на телесната тежина, особено околу стомакот, вели Richards.

Пецива и колачи

Иако многумина ги обожаваат, особено наутро со кафе, пецивата обично се прават со рафинирано брашно на кое му недостасуваат влакна и есенцијални хранливи материи. Овие рафинирани јаглехидрати може да предизвикаат брзо зголемување на нивото на шеќер во крвта и инсулин, промовирајќи складирање на маснотии и воспаленија.

– Храната како пецива и колачи често содржи рафинирани шеќери, масти и конзерванси, кои можат да поттикнат воспаленија и да придонесат за акумулација на масти, објаснува таа.

Засладени житарки за појадок

Многу засладените житарки имаат малку есенцијални хранливи материи, и покрај тоа што се збогатени со витамини и минерали. Тие главно се составени од празни калории кои придонесуваат за зголемување на телесната тежина без да ги обезбедат потребните хранливи материи за целокупното здравје.

Нутриционистката Richards објаснува дека „многу житарки што им се продаваат на децата и возрасните се богати со додадени шеќери и ниски влакна, што доведува до скокови на шеќерот во крвта и зголемени масти во стомакот со текот на времето“.

Газирани сокови

Омилените пијалоци на многу луѓе, газираните сокови, имаат висока калориска вредност, но им недостасуваат важни хранливи материи. Се смета дека газираните сокови обезбедуваат таканаречени „празни калории“. Јадењето многу празни калории може да доведе до вишок калории кои телото ги складира како маснотии, често околу стомакот. Со текот на времето, високиот внес на шеќер може да доведе до отпорност на инсулин, главен фактор за хронично воспаление и метаболички нарушувања.

– Редовното консумирање засладени пијалоци, како што се газирани пијалоци и енергетски пијалоци, се поврзува со абдоминална дебелина и зголемено воспаление поради нивната висока содржина на шеќер и недостаток на хранлива вредност, тврди нутриционистката.

Ароматизирани јогурти

За да ги направат јогуртите повкусни и да ги означат како производи со малку маснотии, производителите често ја зголемуваат содржината на шеќер. Оваа замена може да резултира со нездрав производ кој сепак промовира акумулација на маснотии и воспаленија.

Нутриционистката истакнува дека јогуртите со вкус често се рекламираат како здрави, но тие се полни со додадени шеќери и вештачки вкусови и можат да го нарушат здравјето на цревата и да придонесат за таложење на сало на стомакот.

Сладолед

На листата на нутриционистката Lisa Richards е и сладоледот како популарен летен десерт. Овој производ е калоричен и наговото консумирање не ги обезбедува потребните хранливи материи. Сладоледите содржат минимални количини на витамини, минерали и влакна, што ги прави уште еден десерт кој е извор на „празни калории“.

– Сладоледот, иако е вкусен, е богат со шеќер и заситени масти. И двете можат да поттикнат воспаленија и да придонесат за зголемување на телесната тежина, особено околу половината, вели Richards.

Засладени гранола плочки

Гранола плочките често се рекламираат како природни, органски и богати со протеини, но сите тие содржат значителни количини шеќер, што ги прави храна која предизвикува зголемување на телесната тежина.

– И покрај нивната здрава репутација, многу гранола плочки се преполни со додадени шеќери и нездрави масти, кои придонесуваат за воспаленија и сало на стомакот со текот на времето, истакнува нутриционистката.

Овошни сокови

За разлика од целото овошје, овошните сокови немаат диетални влакна, особено соковите кои не се направени од стопроцентно овошје. Влакната во целото овошје ја забавуваат апсорпцијата на шеќерот, помагајќи да се одржи нивото на шеќер во крвта стабилно. Без влакна, шеќерот во овошниот сок брзо се апсорбира во крвотокот, што доведува до скокови на инсулин и зголемено складирање на маснотии.

– Дури и 100 отсто овошните сокови се богати со природни шеќери што може да доведат до скокови на шеќерот во крвта и зголемување на маснотиите на стомакот ако се консумираат прекумерно. Целото овошје е поздрава алтернатива поради содржината на влакна, кои ја забавуваат апсорпцијата на шеќерот, заклучува Richards. (Крај)

извор: index.hr фото: index.hr

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука