Економија Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

ДЗР спроведе ревизија на реализацијата на капиталните објекти: Краен рок за изградба на делницата Кичево-Охрид е 31.12.2026 година

Скопје/Охрид,25. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – Државниот завод за ревизија согласно Годишната програма за работа за 2023 година спроведе ревизија на успешност за „Реализација на капиталните инвестиции финансирани преку Буџетот на Република Македонија, ЕУ фондови и средства од други меѓународни финансиски институции во надлежност на централната власт и локалната самоуправа“.

Целта на ревизија беше да се даде одговор на прашањето „Дали постојната структура и реализација на капиталните инвестиции во Република Македонија обезбедува одржлив и инклузивен раст и подобар квалитет на живот на граѓаните?“ Со ревизијата опфатени се ефектите од планирање и реализација на капиталните расходи во Буџетот на Република Македонија и проектите за јавни инвестиции предвидени во програмските документи на Владата.

Проект за изградбата на Автопат 2 патна делница Кичево Охрид

За проект за изградбата на Автопат 2 патна делница Кичево Охрид вредноста на договорот за градба со анекс бр.3 е проценета на 589 милиони евра, а првичната вредност изнесува 411 милиони евра. Проектот и после 10 години не е завршен, а финансиската реализација изнесува 466,4 милиони евра. Рокот за завршување на проектот е изминат на 31.12.2023 година, и постои голема неизвесност од настанување на високи правни и финансиски ризици поврзани со текот на овој проект.

Во април 2024 година донесен е Закон за дополнување на Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на патна делница Миладиновци-Штип и патна делница Кичево-Охрид, согласно кој ќе се склучи Анекс бр. 6 кон Договорот за изградба на автопат, делница Кичево-Охрид со краен рок за градба 31.12.2026 година.

Александар Николоски, министер за транспорт и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ вчера за Тв Сител изјави дека ветува дека автопатот Кичево-Охрид ќе биде завршен до 2026-та година.

– Не сакам да давам рокови, ние во нашата програма напишавме до крајот на 2026-та година, што мислам дека е реален рок. Јас секако ќе направам се’ заедно со мојот тим и заедно со новиот директор на ЈП за државни патишта, бидејќи сметам дека постојниот нема капацитет да го води тоа претпријатие, истакна Николоски.

Тој додаде дека ќе се залага рокот за завршување на автопатот Кичево-Охрид да биде пократок. Тој потсети дека што изградбата на сите магистрални, регионални и експресни патишта и автопатишта е надлежност на ЈП за државни патишта, а министерството е контролор. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука