Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ ОБРАЗОВАНИЕ Охрид ТОП ВЕСТИ

Архитектонскиот факултет обезбеди повластени услови за учество на студентите на конкурсот за Наутички клуб во Охрид

Охрид, 27. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – Архитектонски факултет Скопје при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во соработка со Terra Viva Architecture Competitions обезбеди повластени услови за учество на студентите на Архитектонски факултет на архитектонскиот конкурс за Наутички клуб во Охрид, јави порталот porta3.mk.

Како што OhridPress пишуваше неодамна, на TerraViva, Меѓународна платформа на која архитектите од целиот свет можат да учествуваат на проекти во глобални рамки, објавен е конкурс за дизајн на Наутички и социјален клуб на местото на објектот на Одморалиштето на Феријалниот сојуз, лоцирано на брегот на Охридското Езеро, во населбата Даљан.

Според објавениот Конкурс, за кој е предвиден и награден фонд од 7.000 евра, учесниците се поканети да поднесат иновативни проекти за адаптивно-повторна употреба фокусирани на обновување на ова модерно наследство оставено неискористено повеќе од дваесет години. Земајќи инспирација од оригиналниот дизајн на архитектот Борис Чипан, натпреварот бара дизајн на Наутички и социјален клуб, кој би бил отворен и за локалната заедница и за сезонските туристи. Идејата е да се замисли динамичен социјален простор способен да привлече граѓани и посетители на западната страна на езерското крајбрежје, обезбедувајќи привлечна алтернатива на најпрекрасниот источен Охрид. Главниот предизвик за архитектите ќе биде да се осмисли како оваа градба стара над 70 години би можела да им послужи на потребите на современ жив езерски клуб.

Ваквото интернационално препознавање на Феријалното одморалиште е благодарение на работата на младите македонски архитектки Ева Зовиќ и Анастасија Ристеска и нивното залагање за домашното архитектонско наследство.

За Супер радио и OhridPress тие откриваат дека членовите на охридскиот колектив за архитектура – Архрид имаат попуст при аплицирање на конкурсот

– Заинтересираните кои сакаат да конкурираат, можат во секое време да се зачленат и да ги добијат овие бенефити, а Охрид да добие една жива архитектонска сцена. Да ја поддржиме домашната искрена работа, вели Зовиќ.

Конкурсите на TerraViva целосно се спроведуваат преку нивната дигитална платформа, дозволувајќи им на учесниците од целиот свет да ги споделат своите предизвици во архитектурата со најдобрите меѓународни дизајнери. Отворени се за архитекти, планери и креативци од целиот свет, а иницијативите можат да се прилагодат на различни контексти: од архитектура до урбанистичко планирање, од дизајн на пејзаж до адаптивна повторна употреба. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука