Избор Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Црвен аларм за системско решавање на планинското спасување во Македонија, чести се несреќите и во охридскиот регион

Скопје/Охрид, 2. јули 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во текот на изминатите 15 дена, во Република Македонија се случија четири сериозни несреќи на планина, од кои три на територија на Националниот Парк „Галичица“ и една на територија од НП „Маврово“.

Повторно, на високо ниво се истакна потребата од конечно воспоставување на Национална Планинска Спасителна Служба, воспоставена согласно со европската пракса и меѓународните стандарди препорачани од ICAR – International Commission for Alpine Rescue.

– Иако алармот неколку пати претходно исто така гласно одекнуваше, како на пример во случајот со фармерот во Кратовско или пак во случајот на Шар Планина каде во обид за спасување на настрадан турист, за малку ќе настрадаше и командирот на специјалните полициски единици, сепак овој пат, бројот на несреќи во толку краток период, како и исходот од истите, сметаме дека претставуваат сериозно предупредување за она што не очекува во блиската иднина. Националниот Сојуз за Планинско Спасување, со своите 12 организации од сите региони во државата и со својот кредибилитет кој произлегува пред се од децениското искуство и експертизата со која располагаме, потврдена токму преку нашето членување во ICAR, упатува апел до надлежните министерства за Внатрешни работи и Одбрана, како и до Центарот за Управување со Кризи, што поскоро да седнеме на координативен состанок и да дефинираме заеднички пат за решавање на ова горливо прашање, во согласност со праксата во Европските држави. Веруваме дека новата Влада, има многу поголем интерес за решавање на ова прашање, а ние сме тука да помогнеме, како што го прават тоа нашите колеги волонтери низ цела Европа. Решението е многу едноставно, започнува со разговор и ефикасно координирање на постојните ресурси, а продолжува со надградба и развој на целокупниот систем, се до воспоставување на ефикасна Планинска Спасителна Служба во сите региони од државата, информираат од Националниот Сојуз за Планинско Спасување (НСПС).

Додаваат дека самото постоење на Планинската Спасителна Служба при Црвен крст во Охрид како составен дел од НСПС и нејзината ефикасност во охридскиот регион, е доказ и гаранција дека решението е едноставно, доколку се има разбирање, меѓусебна доверба и желба за понатамошен развој. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука