Избор Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Охридските „Титоисти“ на Денот на борецот жестоко реагираат на отстранувањето на спомен плочата на НОБ во Охрид

Охрид, 4. јули 2024 (ОХРИДПРЕС) – Како „Титоисти“, Здружение на почитувачи на ликот и делото на поранешниот доживотен претседател на Социјалистичка Федеративна Република Југославија, Јосип Броз Тито, веќе неколку месеци наназад, жестоко реагираме на отстранувањето на спомен плочата на НОБ во Охрид.

Истата сведочи за судењето на Лазар Колишевски, кој бил осуден на смрт, а таква казна била изречена и за Петар Пирузев Мајски, кому му било пресудено во отсуство. Кирил Главинчев, Јаким Спироски и Андон Дуков, биле осудени на повеќегодишна затворска казна. Освен нив, биле обвинети и Петар Христов Серафимов, Димитар Трајанов Бучков, Љубен Иван Чекракчиев, Кирил Ефтимов Размов, Борис Петров Лозанов, Андон Николов Димитров, Благој Аргиров Иванов, Петар Николов Нанов, Србин (Србо) Иванов Горшев и Атанас Димков Пржинов.

– Сите тие охридски и македонски воени и политички дејци од Народноослободителната Борба на македонскиот народ, на 26-ти и 27-ми ноември 1941 година, од страна на бугарскиот фашистички окупатор, бивајќи осудеи, под обвинение дека го организирале сенародното мобилизирање за ослободителна борба.
Таа плоча, со години стоеше пред некогашниот Бугарски воен суд во Охрид, а потоа и поранешен објект на сојузот на синдикатите на Македонија и е тргната пред скоро една година, со рушењето на просториите и градењето нова зграда. Сметаме дека тоа претставува највисок чин на непочитување на споменот на погореспоменатите лица, кои, своевремено, станаа бренд на македонскиот стремеж за ослободување и формирање своја држава, во виорот на Втората Светска Војна. Иако веќе извесно време се бориме со оваа ситуација, упатувајќи молби до соодветните институции за решавање на проблемот, се уште на повидок нема потенцијални конкретни мерки. Искрено се надеваме дека со ваквите постапки, нема да ја вратиме Македонија назад во едни тешки и мачни времиња од современата историја кои се случија само пред десеттина години, кога делата на антифашистите, комунистите и борците за слободна татковина беа оцрнувани и фрлани во заборавите на времето, стои во пораката на охридските „Титоисти“.

Додаваат дека додека лежел во затвор, на 7-ми декември истата година, Колишевски поднел барање за помилување до бугарскиот цар Борис III, така што, казната му била заменета со доживотен затвор.

– Подоцна, со ослободувањето на земјата од јаремот на окупаторите, тој станува еден од највлијателните и најактивните политичари на Југословенско ниво. Што се однесува до Мајски, по пресудата за бесење и соочувањето со смртната казна, тој бил принуден да замине во илегала и заминал на италијанската територија во Дебрца, каде што се вклучил во формирањето партизански одреди и наредните четири години ги поминал криејќи се во околните куќи и семејства, во овие краеви. По извојуваната победа на партизанските единици и КПЈ над надмоќните непријатели, Мајски бил прв министер за правосудство на федерална Македонија, истакнат правник и комунист. Андон Дуков умрел од измрзнување во февруари или март 1944 година, на планината Кожув. Кирил Главинчев ја одлежал казната, а Јаким Спироски станал градоначалник на Охрид, од 1. февруари 1965 до 11-ти април 1969 година. Во таа насока, уште еднаш упатуваме апел, што поскоро да се дојде до решение, затоа што со отстранувањето на историски важните симболики и факти, само се зголемува револтот кај слободољубивиот народ, кој не може да ги избрише позитивните и мирољубивите дела на комунистичката партија за општото добро, од колективото сеќавање. Изразуваме уверување и надеж дека инвеститорот и градежниците на новиот станбено – деловен простор кој никна на местото на старите простории на ССМ ќе наиде на разбирање и ќе го врати спомен обележјето на старата локација. Само така, ќе покажеме мудрост пред новите генерации дека го почитуваме минатото и се грижиме тие корени никогаш да не исчезнат. За крај, од името на здружението, дозволете да ви го честитам и празникот 4-ти јули, ден на борецот и датум кога во 1941 година Политбирото на Централниот Комитет на Комунистичката Партија на Југославија донесува одлука за кревање востание против фашистичкиот окупатор, стои во пораката. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука