Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

За автопатот Кичево-Охрид лани биле потрошени околу 65 милиони евра, 18 милиони повеќе од 2022 година

Скопје/Охрид, 4. јули 2024 (ОХРИДПРЕС) – За автопатот Кичево-Охрид во 2023 година биле потрошени околу 65 милиони евра, што е за 18 милиони евра повеќе во однос на 2022 година, се вели во годишниот извештај за работата на „Државни патишта“ за минатата година.

Јавното претпријатие за државни патишта во 2022 и 2023 воопшто не реализирало средства на изградбата на автопатот Скопје-Блаце. Иако биле планирани милијарда денари, односно околу 16,4 милиони евра, на оваа автопатска делница во текот на минатата година воопшто не биле реализирани средства.

Договорот со Европска банка за обнова и развој за втората фаза од 10,5 километри од селото Блаце до Скопје е потпишан во јули 2022 во вредност од 186 милиони евра. Повикот за надзор и изведувач е распишан дури во 2023, но уште не се знае кои ќе бидат избрани како оператори што ќе работат на автопатот до Косово.

Во извештајот се наведува и дека во тек се вонпарнични постапки за определување на надоместокот на имот, постапка за трајна експропријација, се работело и на завршување на катастарската пренамена на земјоделско во градежно земјиште, на градежен елаборат и на проценки на вредноста на земјиштето.

Најмногу пари во 2023 година биле потрошени за проектот на „Бехтел и Енка“. На конзорциумот требало да му се префрлат 250 милиони евра според планот, но авансно му легнале само околу 210. (Крај)

извор: Тв Телма фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука