Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Министерот Николоски најави доизградба на постојното и изградба на ново пристаниште и нова терминална зграда на аеродромот во Охрид

Скопје/Охрид, 13. јули 2024 (ОХРИДПРЕС) – Планирана е доизградба на постојното и изградба на ново пристаниште во центарот на Охрид, заедно со нов кеј. Ова и завршувањето на автопатот Кичево-Охрид значително ќе придонесе за развој на туризмот, изјави министерот за транспорт и врски во Владата на Република Македонија Александар Николоски за емисијата „Заспиј ако можеш“ на Тв Алфа.

– Мислам дека пристаништето ќе го направиме многу брзо и дека веќе од следната летна сезона ќе биде завршено. Во план е и нова терминална зграда на аеродромот во Охрид во соработка со концесионерот, со што практично ќе добиеме и нов аеродром во Охрид, додаде Николоски.

Во врска со автопатот Кичево-Охрид, министерот истакна дека е нејасно како полни 12 години не е решена експропријацијата за автопатската делница.

– Детектиравме три главни проблеми и во овој летен период максимално ќе се посветиме на нивно разрешување за конечно да ја одглавиме изгрaдбата на оваа автопатска делница. Се’ уште не е решена експропријацијата, не се решени имотно-правните работи со бензински пумпи кои се лоцирани на самата траса на автопатот, како и лошо проктираните косини за кои потребно е да се направи репроектирање, напомена Николоски. (Крај)

извор: Тв Алфа/ОхридПрес фото: Тв Алфа

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука