Избор ОБРАЗОВАНИЕ Охрид ТОП ВЕСТИ

МОН: Започнува електронското аплицирање за сместување во студентски домови во академската 2024-2025 година

Скопје/Охрид, 15. јули 2024 (ОХРИДПРЕС) – Министерството за образование и наука ги известува студентите запишани на јавните и приватните високообразовани институции во државата, дека е објавен Конкурсот за прием на студенти запишани на додипломски студии во државните студентски домови и други објекти за сместување во државата за академската 2024/2025 година.

Согласно конкурсот, обезбедени се 4.303 места, од кои 1.034 за студенти од прва година, а 3.269 се предвидени за студенти од втора, трета, четврта, петта и шеста година, како и апсолвенти.

Право на прием имаат редовни студенти кои се државјани на Република Македонија и се школуваат надвор од местото на живеење, запишани на додипломски студии со траење: помалку од осум семестри, а не повторувале студиска година; осум семестри, а не повторувале повеќе од една студиска година и над осум семестри, а не повторувале повеќе од две студиски години. Исто така, право на прием имаат и редовни студенти кои се запишани на јавните универзитети и високообразовни установи, а се избрани со конкурси, одлуки, решенија, договори и слично, односно: владини стипендисти-студенти со македонско потекло, студенти од странство кои студираат на универзитетите и високообразовните установи во Република Македонија, студенти согласно програмата ЦЕЕПУС, студенти според билатерални договори.

Студентите кои ги исполнуваат условите од конкурсот, пополнуваат електронска пријава и ја прикачуваат соодветната документација на овој линк. Рокот за пријавување на студентите од II година и повисоките години трае од 15-ти до 31-ви јули 2024 година. Рокот за пријавување на студентите од I година почнува од 10-ти и ќе трае до 17-ти септември 2024 година. Доколку по објавување на конечните списоци со примени студенти по домови остануваат непополнети сместувачките капацитети во одреден дом, пријавување ќе продолжи сè до пополнување на истите, но најдоцна до 30-ти ноември 2024 година. Конкурсот заедно со сите потребни документи за аплицирање за сместување во студентските домови е објавен на следниот линк, потенцираат од Министерството за образование и наука на Република Македонија. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука