Избор ОБРАЗОВАНИЕ Охрид ТОП ВЕСТИ

Во тек е пријавувањето за место во студентските домови, во охридскиот „Никола Карев“ има 242 леглa

Охрид, 20. јули 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во тек е пријавувањето за место во студентските домови за претстојната академска година.

Во Државниот студентски дом „Никола Карев“ во Охрид на располагање се вкупно 242 легла. Од нив 48 се за бруцошите, додека преостанатите 194 се за студентите од втора година па нагоре.

Заклучно со 31-ви јули се пријавуваат студентите од II година и повисоките години, додека пак студентите од I година ќе се пријавуваат од 10-ти до 17-ти септември.

Согласно конкурсот, право на прием имаат редовни студенти кои се државјани на Република Македонија и се школуваат надвор од местото на живеење, запишани на додипломски студии со траење: помалку од осум семестри, а не повторувале студиска година; осум семестри, а не повторувале повеќе од една студиска година и над осум семестри, а не повторувале повеќе од две студиски години. Исто така, право на прием имаат и редовни студенти кои се запишани на јавните универзитети и високообразовни установи, а се избрани со конкурси, одлуки, решенија, договори и слично, односно: владини стипендисти-студенти со македонско потекло, студенти од странство кои студираат на универзитетите и високообразовните установи во Република Македонија, студенти согласно програмата ЦЕЕПУС, студенти според билатерални договори.

Студентите кои ги исполнуваат условите од конкурсот, пополнуваат електронска пријава и ја прикачуваат соодветната документација на овој линк.

Доколку по објавување на конечните списоци со примени студенти по домови остануваат непополнети сместувачките капацитети во одреден дом, пријавување ќе продолжи сè до пополнување на истите, но најдоцна до 30-ти ноември. Конкурсот заедно со сите потребни документи за аплицирање за сместување во студентските домови е објавен на следниот линк, потенцираат од Министерството за образование и наука на Република Македонија. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука