ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид Спорт ТОП ВЕСТИ

Охриѓанката Анастасија Мојсовска пред Олимпијадата во Париз: Неизмерно сум среќна што ја имам шансата да ги бранам боите на Македонија

Скопје/Охрид, 19. јули 2024 (ОХРИДПРЕС) – Од Македонскиот Олимписки Комитет (МОК) ги претставија учесниците на претстојната олимпијада која ќе се одржи од 26-ти јули до 11-ти август 2024 година во Париз, Франција.

Меѓу нив е и 0хридската стрелачка Анастасија Мојсовска, која е втор македонски претставник на Олимпијадата.

– Анастасија ќе учествува на Олимписките игри и ќе настапи во дисциплината 10 метри воздушна пушка, натпревар кој на програмата на Олимписките игри е на 27-ми јули 2024 година. Честитки до Анастасија Мојсовска, нека е со среќа нејзиниот настап и нека има мирна рака во нејзиниот прв настап на Олимписките игри, порачаа од МОК.

Анастасија вели дека настапот на олимпијадата за неа претставува остварување на нејзиниот спортски сон и освојување на уште еден спортски врв кој ја оформува како професионален спортист-стрелец.

– Чувството е феноменално, неизмерно сум среќна што сум дел од олимпискиот тим и ја имам шансата да ги бранам боите на нашата држава. Очекувам квалитетен светски резултат за кој сум подготвена, а со кој достојно ќе се претставиме на оваа олимпијада, вели Анастасија.

Нејзините почетоци се во СК „Охрид“, сега е член на СК „Стрелец” од Скопје, а тренажниот процес го реализира со Јордан Тасевски.

Анастасија Мојсовска е млада спортистка, има 22 години, но е веќе докажана како стрелец. Покрај тоа што беше повеќекратен државен првак и рекордер на Македонија, остварила високи резултати на меѓународните натпревари. Таа тоа го докажа на последниот Светски куп во Минхен 2024 каде оствари нов државен рекорд и висок светски резултат од 628,8 кругови што е конкурентен за влез во финале на претстојните Олимписки игри во Париз, споредено со претходните во Токио каде што за влез во финале беа потребни 628,5 кругови. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука