Охрид, 20. јули 2024 (ОХРИДПРЕС) – Под сенката на илјадагодишниот охридски чинар, тоа утро во март 1938 година, холандскиот писател А. ден Доолаард (1901-1991) сѝ го уживал својот утрински ритуал – кафе-муабет со неговиот пријател од Охрид, Абдураман Рахман. Ден Доолард само што го завршил неговиот роман „Свадбата на седумте цигани“. Сега, со кафе и локум сѝ дебатираат за смисолот на животот проткаен низ страниците на романот.
Вака во Facebook групата Lexicon of foreign painters in Macedonia 1850-1950 го опишуваат односот и љубовта кон Охрид на славниот писател А. ден Доолаард, кој бил голем вљубеник во Охрид и Македонија.
Написот продолжува:
Главен лик во романот е Србинот Бранко Марковиќ, боем во душа, мераклија за пијанки и жени, кој решил да се уозбили бидејќи неговиот немирен дух му донел само проблеми. Бранко се откажал од неговата адвокатска професија, и сега како некој чергар, шета и се бави со фотографија и филм. Во Белград ја запознава Душка Боровиќ, ќерка на богат аптекар, сериозна и стабилна девојка. Бранко ја носи Душка во Охрид, ја запросува и спрема свадба во Свети Јован Канео во Охрид.
Вечерта пред свадбата, Бранко решава да направи „ергенска вечер“ на Свети Канео. Вика седум роми -музиканти , да му свират песни кои ќе бидат „последен поздрав“ кон неговата бурна младост. Еден по еден, ромите музиканти му свират на увце на Бранко по една романтична песна. И со секоја песна, во мислите на Бранко се враќа по една стара љубов, стара авантура со некоја од жените на неговата младост. Секоја од овие авантури сѝ има своја природа. Во едната авантура, Бранко завршува со скршено срце. Другата е поврзана со прељуба. Третата со грабање. Четвртата со претепување. Итн.
Со секоја песна расте нервозата кај Бранко од трајна врска. Расте колебањето во него дали постои вечна љубов, или сме создадени да бидеме волци-самотници? Утрото, наместо на свадба, Бранко бега преку езерото кон манастирот Свети Наум. Таму муабети со монахот Марин за смисолот на љубовта и верноста. А потоа оди во Поградец каде што тешко се запива и решава во алкохолот да ја удави љубовта кон Душка и шансата да се среди во животот.
Но Душка не се предава. Оди во Поградец, го наоѓа Бранко мртов-пијан, а потоа и двајцата разговараат за заедничкиот живот пред нив и за чувствата кои ги имаат еден за друг. Приказната има среќен крај. Бранко и Душка се венчаваат во Охрид и живеат среќно заедно.
Во сенката на Чинарот во Охрид, А ден Доолаард му се доверува на неговиот пријател Абдураман дека романот е автобиографски. И самиот се откажал од кариера на службеник за да патува и пишува. Холанѓаните го нарекувале него „Холандски Хемингвеј“. По природа бил убав и шармантен човек, секогаш гладен и жеден за авантури. Зад него веќе имале еден пропаднат брак со Дејзи Руло со која имал една ќерка. Се венчал со втората сопруга Јоана Марија Вилемина („Ери“) Мејер во 1935 година со која имале две ќерки.
Но во Охрид, А ден Доолаард се вљубил во некоја убава Охриѓанка. Но и покрај неговата физичка убавина и слаткоречност, не успеал да ѝ го скрши срцето на Охриѓанката, која останала ладна на неговите удварања. Сепак, оваа несреќна вљубеност го поттикнала да размислува за тоа дали човекот е создаден за трајна врска или пак треба да талка од една кон друга љубов? И како главниот лик Бранко, А. Ден Доолаард одлучува да ѝ се врати на жена му Ери со која ќе живее до крајот на неговиот живот.
Кафе -муабетот на ден Доолаард и Абдураман го прекинува поштарот кој со трчање му носи телеграма на писателот. Телеграмата е од холандската амбасада во Белград.
– Брзо враќај се назад, меѓународната ситуација нагло се влоши. На Хитлер му е дадена Чехославачка на тацна, напишал негов пријател од Холандија. На тој ден Хитлер влегува во Судетската област, со благослов на Англија и Франција.
– Во Охрид, овој рај на земјата, времето застанало. Човек можи да го помине целиот свој живот уживајќи во синилото на езерото и никогаш да не помисли ни на Хитлер, ни на Мусолини, ни на Чемберлен, ни на Сталин, подоцна напишал ден Доолаард.
Писателот се враќа назад во Холандија каде што следната година ја објавува книгата „Свадбата на Седумте Цигани“ која ќе добие голема популарност од холандската публика.
Аден Доолаард заедно со сопругата Ери се враќаат во Охрид дури во 1960-тите години, каде што во следните децении се редовни гости. Се дружат повторно со Абдураман кој работел во хотелот „Десарет“ каде што најчесто престојувале.
„Свадбата на седумте цигани“ е инспирација на голем број холандски сликари кои започнале да го посетуваат Охрид од 1960-тите години па наваму . Еден од нив е и Вим Мулдер (Wim MULDER (Emmerich 1908 – Otterlo 1992)) кој го посетува Охрид неколкупати во 1960-тите години. Имав среќа па на еден локален пазар на антики успеав да најдам една негова слика од Охрид од тоа време. На ова масло на платно се претставени белите охридски куќички погледнати од позиција на пристаништето низ стапови на кои се сушеле рибарските мрежи. Денес овие стапови не постојат. Мислам дека една од куќичите е кафеаната „Аквариус“. (Крај)
извор: Lexicon of foreign painters in Macedonia 1850-1950 фото: Lexicon of foreign painters in Macedonia 1850-1950