Избор Охрид Празници ТОП ВЕСТИ

Вечерната богослужба во манастирот „Св. Недела“ во Оровник преку објективот на Александар Менкиноски (Фото)

Охрид, 20. јули 2024 (ОХРИДПРЕС) – Бројни верници и синоќа ја продолжија традицијата и запалија свеќи за здравје и среќа по Богослужбата по повод празникот посветен на Светата Великомаченичка Недела во охридското село Оровник.

За посетителите и оваа година беше организирана и богата забавна програма.

Манастирот Света Недела во селото Оровник е лоциран кај местото викано „Капеш“, веднаш над селото, на патот кој води за „Тројанско поле“ и соседното село Лакочереј, во месноста „Лекојта Вода“. На ова место од дамнина постои изворче со лековита вода, богата со минерали, а местото меѓу локалното население било познато како „Св. Недела“.

Во 90-тите години од минатиот век, на иницијатива од оровничанецот Крсте Б. Нелоски заедно со неговата фамилија, потпомогнат од жителите на Оровник и околните места, започната е изградба на манастирска црква Св. Недела. Прво е извршена каптажа на малото изворче, расчистен е теренот и е подигната манастирската цркв ата Св. Недела. Црквата е осветена на ден 20-ти јули 1996 година, на празникот Св. Недела. Осветувањето го изврши митрополитот Дебарско-кичевски Тимотеј со своите свештено-служители. Подоцна наредните години, веднаш над манастирската црква изграден е манастирски конак и камбанарија. Богослужба има за празникот Св. Недела, на 20-ти јули секоја година. Спроти празникот Св. Недела, вечерта на „заслугот“ има голем Црквено-народен собор, кој секоја година е посетен од многубројни верници од целата држава. На самиот празник, на Св. Недела, 20-ти јули, има богослужба, а манастирот за сите посетители дава ручек.

Познатиот фотограф Александар Менкиноски изготви прекрасна фото галерија од настанот, која можете да ја погледнете во целост ОВДЕ. (Крај)

извор: WebOhrid/ОхридПрес фото: Александар Менкиноски

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука