Избор Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ Хроника

Охридското сценарио продолжи во Скопје, МВР со апел граѓаните да не наседнуваат на измами со лажни сообраќајки

Скопје/Охрид, 20. јули 2024 (ОХРИДПРЕС) – Охридското сценарио по се’ изгледа продолжи во Скопје, а МВР со апел граѓаните да не наседнуваат на измами со лажни сообраќајки и веднаш да пријават во полиција.

– На подрачјето на СВР Скопје изминатиов период регистрирани се повеќе кривични дела „измама“, кои се извршени врз повозрасни лица. Сторителите ги доведуваат во заблуда лицата на тој начин што им се јавуваат телефонски и им се претставуваат како службени лица, најчесто полициски службеници и од нив бараат финансиски средства за ослободување од кривичен прогон на нивни деца или внуци кои, наводно, непосредно пред јавувањето направиле сообраќајна несреќа со смртни последици. Измамниците ги контактираат жртвите најчесто на фиксен телефон, но има случаи каде што се контактирани и преку мобилен телефон со скриен број, а за да бидат поуверливи во позадина се слуша женски глас кој бара помош. Министерството за внатрешни работи и СВР Скопје ги известува граѓаните дека се преземаат мерки и активности за расчистување на досега пријавените кривични дела и воедно апелираме до граѓани да не наседнуваат на ваквиот вид на измами, а доколку бидат контактирани веднаш да пријават во полиција, информираат од МВР.

Како што OhridPress објави неодамна, и во Охрид се случуваа вакви обиди за измами преку телефонски јавувања на лица кои лажно се претставуваа како службени и вршат измами, претежно на повозрасни граѓани. Од СВР Охрид информираа дека преземаат мерки за пронаоѓање на лица кои периодов наназад, преку телефонски јавувања кај граѓани од Охрид, лажно претставувајќи се, вршат измами за случени сообраќајни незгоди во кои, наводно, жртви или тешко повредени биле членови на нивните семејствата или други нивни роднини.

Слични вакви настани имавме и во Битола, но и кон крајот на 2022 година, кога повеќе наши сограѓани беа жртви на измамниците. СВР Охрид тогаш успеа да открие двајца од сторителите. На 1. ноември 2022 година поднесе кривична пријава против 51-годишниот К.И. и 56-годишниот Г.М., двајцата од Благоевград, Република Бугарија, поради постоење основи на сомнение за сторени 21 кривично дело „измама“.

Супер Радио и OhridPress од лица кои биле жртви на ваква измама тогаш дозна дека станува збор за добро разработена „шема“ во која учествуваат најмалку две лица, кои со добро уиграно сценарио се јавувале на фиксен телефон, најчесто кај постари лица под измама дека син или ќерка на „жртвата“ направиле сообраќајна незгода. Претставувајќи се како лица од полиција, тие нуделе „да го средат“ проблемот за надокнада од неколку илјади евра.

Апелираме на максимална внимателност и итно пријавување на сите вакви настани. (Крај)

извор: МВР/ОхридПрес фото: ОхридПрес/архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука