Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Хидрокрилниот брод на „Силекс“ и понатаму плови на суво во каналот „Студенчишта“ (Фото/Видео)

Охрид, 23. јули 2024 (ОХРИДПРЕС) – Иако во времето кога беше донесен, се најавуваше како вистинско чудо во водите на Охридското Езеро, хидрокрилниот брод на компанијата „Силекс“ за жал и понатаму останува на суво во каналот „Студенчишта“.

Станува збор за, своевремено, вистинската гордост на руските бродоградители, кој никогаш не заплови по езерото.

Долги години бродот стоеше на посебно изградена платформа пред хотелот „Силекс“, по што беше пренесен во каналот. Лошата судбина на ова пловило продолжи и за жал стана дом за лица кои привремено престојуваа и преспиваа тука и се сокриваа од временските неприлики.

Токму овој однос придонесе во 2010 година да избие пожар во бродот, кој тогаш подoлг временски период беше укотвен во каналот „Студенчишта“.

Хидрокрилните бродови се посебни видови бродови со специјални профили поставени на подводниот дел од трупот. При пловење со голема брзина, поради пловните сили на потопените крила, трупот на бродот целосно се подигнува над површината на водата затоа што вкупниот отпор на потопените делови е помал од отпорот на бродот. Ова овозможува значително поголема брзина на движење со иста моќност на погонскиот систем, и во одредени околности, подобро управување на бродот на брановите.

Овие „подводни крила“ се патентирани во далечната 1891 година, а за прв пат се користат во 1897 година на параброд. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука