Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Љутков: Проблемот со дивоградбите во Охрид ќе се решава со сите засегнати страни

Скопје/Охрид, 24. јули 2024 (ОХРИДПРЕС) – Проблемот со дивоградбите во Охрид постои подолг период и ќе се решава со сите засегнати страни, изјави во интервју за МИА министерот за култура и туризам Зоран Љутков.

– Не е Министерството за култура надлежно во овие процеси. Министерот за култура е претседател на Националната комисија за УНЕСКО. На утрешната седница на Влада ќе биде назначена новата национална комисија за УНЕСКО, која содржи многу професионалци во областа и ги содржи предлозите на сите релевантни институции. Тука се вклучени Министерството за транспорт и врски, но и локалните единици што значи дека во целиот овој процес заеднички мора да се договориме кои ќе бидат приоритетите. Не може само еден да ги носи одлуките, истакна Љутков.

Како што рече, фокусот ќе му биде да ги обедини сите овие институции, да направи работно тело кое што на крајот ќе донесе заклучок како да се справат со сите овие проблеми.

– Тоа што до сега не е постигнато, е затоа што немало комуникација меѓу засегнатите страни, рече Љутков.

Во однос на идните активности, Љутков најави дека ќе треба да се донесат многу нови законски измени со цел да се спроведат реформите кои што следуваат во 2025 година.

– Генерално, ќе мора да се посветиме на многу процеси. Ќе продолжиме со новиот Предлог закон за култура. Тука имаме и нов Предлог на закони во заштита на културното наследство. Ќе мора да се донесат многу законски измени и нови закони за да можеме да ги спроведеме реформите кои што ќе следуваат во 2025 година. Главен приоритет како „круна“ која што ќе ни го означи мандатот, ќе биде „Скопје европска престолнина на културата во 2028 година, појасни Љутков. (Крај)

извор: МИА фото: МИА

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука