Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

Министрите Тошковски и Дачиќ, поради големата фреквенција на српски туристи, најавија присутност на српска полиција во август во Охрид

Белград/Охрид, 26. јули 2024 (ОХРИДПРЕС) – Министрите за внатрешни работи на Македонија и на Србија, Панче Тошковски и Ивица Дачиќ денеска одржаа средба во Белград, на која, покрај другите теми, најавија и присутност на српска полиција од август во Охрид.

– Од август ќе почнеме со практика каква што не сме имале до сега, таму каде што има многу српски туристи да се присутни и српски полицајци. Четворица ќе бидат во Охрид бидејќи е летна сезона, изјави Дачиќ пред новинарите по средба со неговиот македонски колега.

Тошковски ја потврди информацијата на колегата Дачиќ и најави дека четворица полицајци од Србија ќе се упатат во Македонија во текот на август, со цел да делуваат на подрачјето на Охрид каде ќе има поголема фреквенција на српски туристи. Министерот на крајот од своето обраќање ги повика српските новинари да бидат гости кога ќе започне оваа соработка во „македонскиот бисер“.

Ова е продолжување на ваквата пракса која започна по 2014 година, кога започнаа мешаните полициски патроли во Охрид на македонските полицајци, заедно со нивните српски колеги.

– Присуството на полициски службеници од Србија го даде својот максимален позитивен продонес во зголемувањето на степенот на безбедноста и во стекнувањето доверба, пред се’, кај српските туристи кои летуваа во Охрид. Српските туристи беа воодушевени од оваа соработка и затоа и ова лето ќе ја направиме оваа заедничка полициска патрола, изјавија своевремено од СВР Охрид.

Во тој период, вакво барање за соработка беше испратено и до Холандија со оглед дека има голем број холандски туристи и гости од земјите на Бенелукс кои престојуваат на охридското крајбрежје во текот на летото. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука