август 3, 2024

Охрид, 3. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Охрид го дочека утрото по големиот празник Илинден со видливо зголемена количина на чад во воздухот.

Вчера попладне изби силен пожар кај селото Косел. Пожарот изби во близина на црквата „Свети Илија“ над селото, по што соодветни екипи на Противпожарната бригада од Охрид излегоа на терен во борба со огнената стихија, а на помош им дојде и локалното население.

По пожарите кои се активни на територија на Општина Охрид синоќа состанок одржа и Штабот за заштита и спасување при Општина Охрид.

– Од страна на надлежните беше презентирана состојбата со активните пожари. Во текот на денешниот ден интервенирено е од страна на Територијалната против пожарна единица од Охрид, Национални шуми, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување како и волонтери кои се пријавиле да помогнат со гасењето на пожарите. Исто така денес на помош дејствуваја и три Ер трактори кои неколку часа истураа вода над пожарите. За утрешниот ден дополнително на помош се вклучуваат и општинските јавни препријатија со луѓе, механизација и логистика, кои заедно со сите останати институции во организирана акција ќе се пристапи кон справување со пожарите. И за денешниот ден согласно потребите се ставени на располагање авионите за гасење пожар, информираат од Општина Охрид. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука