Избор Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Српскиот хеликоптер „Ербас Х215 Супер Пума“ го гаси пожарот кај Охрид, само денеска до 11:00 часот испушти 126 тони вода

Скопје/Охрид, 5. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Хеликоптерот на МВР на Србија „Ербас Х215 Супер Пума“, со носивост од три тони вода, со шест припадници на хеликоптерската единица и еден припадник на Секторот за вонредни ситуации, од саботата секојдневно го гаснат пожарот кај Охрид, а само денеска до 11 часот испуштија дури 126 тони вода, јави дописникот на МИА од Белград.

– Припадниците на хеликоптерската единица и Секторот за вонредни ситуации продолжуваат да им даваат поддршка на македонските колеги во борбата против пожарот. Нашата посада на „Супер Пума“ е ангажирана во гаснењето на пожарите во околината на Охрид. Секој ден работат од 6 до 7 часа, а само денеска до 11:00 часот испуштија дури 126 тони вода. Нивниот ангажман не е само борба против огнената стихија, туку и за солидарност и помош меѓу соседите. Секој лет со хеликоптер претставува уште еден чекор кон сигурна и побезбедна средина за сите нас. Горди сме на нашите херои во воздухот кои неуморно работат на заштита на животите и имотот, се вели во соопштението објавено на официјалната Instagram страница на српското МВР.

Инаку, МВР на Србија, во текот на изминатата недела, поради ширењето на пожарите во источниот дел на Република Македонија, врз основа на официјалното барање на Центарот за управување со кризи на Владата на Република Македонија, пружи помош со испраќање хеликоптер „Агуста Бел 212“ со пет припадници на хеликоптерската единица и припадник на Секторот за вонредни состојби.

– Во изминатите три дена хеликоптерот од Србија оперираше во атарот на село Јамница, на територијата на општина Пробиштип и успешно учествуваше во локализирање на пожарот во атарот на населбата Долно Ѓуѓанци, во близина на градот Свети Николе, како и во атарот на селото Рамно на територијата на општина Старо Нагоричане, наведоа тогаш од МВР Србија.

Пред тоа во кон средината на јули МВР Србија го испрати противпожарниот хеликоптер Камов Ка-32 со носивост од пет тони вода на гаснењето пожари кај Ново Село и на планината Серта во загрозената област во општините Неготино, Конче и Штип. (Крај)

извор: МИА фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука