Охрид, 12. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Годинешниот Меѓународен ден на младите се слави под темата „Младински дигитални патишта за одржлив развој“, која нагласува дека младите кои користат дигитални алатки можат да придонесат во постигнување на Целите за одржлив развој (ЦОР).
Ширум светот, младите со нивните стартапи нудат иновативни идеи и влијателни решенија, притоа се пример за тоа како дигиталните технологии можат да ги унапредат ЦОР. Преку проектот ЕУ за економски раст (EU4EG), над 30 стартапи, повеќето предводени од млади претприемачи, добија поддршка да се развијат во одржливи бизниси подготвени за инвестиции. Овие стартапи не само што придонесуваат за економскиот раст во државата, туку и решаваат критични прашања како што се климатските промени, безбедноста на храната и управувањето со ресурсите.
Влијанието на дигиталните иновации водени од младите постои и надвор од земјоделството. Досега, проектот EU4EG има доделено грантови во вкупна вредност од 4,15 милиони евра на 20 микро, мали и средни претпријатија во сектори како рециклирање, агритехнологија и производство. Оваа иницијатива треба да создаде значително влијание, вклучително и отворање на 203 нови работни места (со фокус на младите и жените), значително намалување на емисиите на CO2 и зголемување на прометот на компаниите.
Од Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ) информираат за дел од успешните приказни предводени од млади во рамки на проектот ЕУ за Економски раст.
Таков пример е компанијата „Митротек“ од Охрид, каде 32-годишната Катерина Сталеска сега го води процесот на производство на скара на пелети со употреба на CNC технологија и роботика.
– Дигиталната технологија е клучна во производството за оптимизација на процесите, а со поддршката од проектот, новите машини, софтверот и роботска машина за заварување, можеме да произведуваме скари кои се многу поеколошки, кои емитуваат помалку емисии на CO2 од обичните, вели Катерина.
Младите луѓе се иноваторите, претприемачите и креаторите на промени кои го водат одржливиот развој на Република Македонија, регионот и ЕУ, користејќи дигитални алатки за справување со предизвици како климатските промени и безбедноста на храната. За нивна мотивација и поттик, им треба континуирана поддршка преку фер конкуренција, транспарентни процеси и пристап до ресурси, менторство и инвеститори. Со инвестирање во младите и нивните дигитални иновации, поттикнуваме економски раст, издржливост и одржлив напредок. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива