Охрид, 15. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Три авиони „Ер трактор“ и два хеликоптери од утрово го гасат пожарот во Националниот парк „Галичица“ во близина на Охрид.
Глетката и од Охридска и од Преспанска страна деновиве предизвикува силна вознемиреност кај граѓаните, посебно кај туристите.
Огнената стихија на оваа локација беснее веќе 11 дена и од ЦУК велат дека се води постојана битка со огнот кој е непристапен терен на надморска височина над 2.000 метри, а неексплодираните гранати дополнително го усложнуваат гаснењето, поради што пожарот од високата зона навлезе и во буковата шума.
Градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков, денеска најави дека се надева дека пожарот ќе биде изгаснат во текот на денот.
Во моментот на терен се три авиони „Ер трактори“ од кои еден полни вода директно од езерото, а два со полнат на Охридскиот аеродром и два хеликоптери. Гасат од трите страни, Охридската, Преспанската и Албанската.
Вкупно 12 пожари се активни на територијата на Република Македонија, соопштија утрово од Центарот за управување со кризи (ЦУК). Во текот на вчерашниот ден, имало вкупно 49 пожари, од кои 7 се под контрола, а 30 се изгаснати.
Во регионот на Охрид, активен е пожарот на планината Галичица, кој гори во правец на исток кон селата Лескоец и Стење, односно на запад кон месноста Војтино и на север кон планинарска куќа, каде гори шума и нискостеблеста вегетација. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива