Скопје/Охрид, 17. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во текот на вчерашниот ден во Република Македонија имаше имаше вкупно 48 пожари на отворен простор, од кои во моментов 13 се активни, осум се под контрола, а 27 се изгаснати, информираат утрово од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Според утринскиот билтен, во регионот на Охрид активен е пожарот на Галичица, каде на исток се шири во правец на селата Лескоец и Стење, општина Ресен, додека на Охридска територија на запад кон месноста Војтино и на север кон планинарска куќа. Гори нискостеблеста вегетација и букова шума.
Според директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов, пожарот на Галичица гори на тешко пристапен терен и од страната на Охрид и од страната на Преспа.
– Тоа е карпест терен на кој човечка нога не може да стапне. Хеликоптерот фрли неколку корпи вода на овој тешки пристапен предел, но линијата е голема, вели Ангелов.
Тој најави дека денеска на Галичица ќе се гасне со три хеликоптери за да се постигне подобар ефект.
Како што веќе информиравме, бројни екипи на пожарникари, вработени во НП „Галичица“, ДСЗ, ЦУК, ПСС и волонтери, од рано утрово ја продолжија борбата за спас на планината Галичица.
Координирани од одговорните лица, тие гасат од земја, додека утрово веќе се интервенира и од воздух со хеликоптер.
На терен е присутна и соодветна механизација која ќе помогне во креирањето на појаси за да се спречи ширењето на пожарите.
Последната информација од ТППЕ Охрид вели дека, заедно со Доброволното противпожарно друштво „Повардарец“ од Неготино и Доброволното противпожарно друштво „Ентузијаст“ Охрид и Дебрца, како и со останати волонтери со логистичка поддршка од погранична полиција, вработени во НП „Галичица“, водат тешка секојдневна битка со пожарот на западниот дел од Охридската страна, над месноста „Војтино“.
– На располагање се ставени сите можни капацитети, со оглед на тоа што единицата функционира и со секојдневни пожари и технички интервенции во урбана средина. Од голема помош во оваа ситуација се горенаведените доброволни друштва и останати волонтери. Гори нискостеблеста густа вегетација и букова шума на повеќе локации, а при тоа на одредени жаришта нема пристап за нашите екипи што дополнително ја отежнува работата. Поголемите пристапни жаришта се ставаат под контрола, информираа од ТППЕ Охрид. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес