ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

ЦУК со пресек до 16:00 часот: Активен е пожарот на Галичица, на исток кон Стење, на запад кон Војтино и на север кон планинарската куќа

Скопје/Охрид, 17. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во текот на денешниот ден, до 16:00 часот има вкупно 25 пожари на отворен простор, од кои во моментов 11 се активни, 6 се под контрола и 8 се изгаснати, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

– Во регионот на Охрид активен е пожарот во Општина Ресен и Општина Охрид, на планината Галичица. Пожарот се шири на исток во правец на селата Лескоец и Стење, општина Ресен, додека на Охридска територија на запад кон месноста Војтино и на север кон планинарската куќа. Гори нискостеблеста вегетација и букова шума, додаваат од ЦУК.

Според директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов, пожарот на Галичица гори на тешко пристапен терен и од страната на Охрид и од страната на Преспа.

– Тоа е карпест терен на кој човечка нога не може да стапне. Хеликоптерот фрла корпи вода на овој тешки пристапен предел, но линијата е голема, вели Ангелов.

Тој најави дека денеска на Галичица ќе се гасне со три хеликоптери за да се постигне подобар ефект.

На терен денеска беше и еден авион „Ер трактор“ кој ја продолжи борбата со пожарот.

Како што веќе информиравме, бројни екипи на пожарникари, вработени во НП „Галичица“, ДСЗ, ЦУК, ПСС и волонтери, од рано утрово ја продолжија борбата за спас на планината Галичица. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука