Избор Култура Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Поезијата ги спои Пиринот, Егејот, Вардарот и Мала Преспа

Охрид, 22. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Под мотото „Симболично обединување на Вардар, Пирин, Егеј и Мала Преспа“, денес, утре и задутре, во Охрид, Белчишта и Црвена Вода, се одржува шестиот по ред, Балкански поетски камп за млади „Ванчо Николески“.

– Тука ќе се зборува, ќе се рецитира, ќе се читаат песни на македонски јазик, а утре сите заминуваме во Пустец. За среќа ги имаме првите луѓе во Бугарија, Грција и Албанија, кои што се македонисти и работат за македонското дело, рече Веле Митаноски, организатор на Балканскиот поетски камп, на свеченото отворање во Основното училиште „Ванчо Николески“, во селото Лескоец, крај Охрид.

Учесниците, кои се млади поети од Република Македонија, Бугарија, Грција, Албанија, учествува во заедничката приредба, со другарчињата од Подрачното одделение во Косел кои ја изведоа творбата „Мице“ од Николески.

Потоа, тие заедно положија цвеќе на вечното почивалиште на Николески во Охрид. Бо текот на денешниот ден, учесниците во Белчишта беа примени од градоначалникот на општина Дебрца, Зоран Ногачески, а ја разгледаа и богатата Галерија од Уметничката колонија „Дебрца“. Претходно, младите поети остварија средба и со претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиноски.

Во селото Црвена Вода ја посетија родната куќа на Ванчо Николески и Спомен собата во училишната зграда.
Утре, Кампот од Охрид и родното место на Николески, Црвена Вода ќе се пресели во Мала Преспа, Албанија кадешто живеат етнички Македонци. Учесниците ќе бидат гости на своите врсници, ученици во училиштето во Пустец. Централниот прекуграничен настан е организиран во селото Глобочани, родното место на Стерјо Спасе, познат литературен деец од Албанија, со македонско етничко потекло.

Во рамки на настанот младите поети ќе го посетат спомен обележјето на холандскиот писател А. Ден Долард, а поетските работилници ќе ги води поетот проф.д-р Христо Петрески.

Специјални гости на Кампот со првите луге и активисти од организациите кои се борат за правата на Македонците во соседните земји.

Павлос Васкопулос- Филипов, од Лерин, Грција, вели дека расте интересот за изучување македонски јазик во Грција. Иако грчката држава се’ уште официјално не дозволува школи на македонски јазик, заврши судскиот процес, и не се укина првиот Центар за македонски јазик во Лерин.

Македнците не потклекнуваат на притисоците, тие сакаат да го негуваат македонскиот јазик, култура и традиција, порачаа присутните на Шестиот Балкански поетски камп „Ванчо Николески“ во Охрид.

– Тоа е електронска школа, интернет платформа за да можат било кој сака да учи македонски јазик. Некои што се свесни Македонци, свесни семејства се интересираат и ќе го прават тоа што им налага достоинството и милост за роднините и нашите традиции. Многу млади учествуваат во културните манифестации и панаѓури во селата, играат и слушаат македонски песни, но треба и чекор напред, вели Павле Васкополус член на претседателството на „Виножито“.

Притисоците врз Македонците во соседните земји не запираат, се чувствуваат и во Бугарија и во Албанија.

– Ние сме континуирано под притисок најмногу псоледните години од 2017 година, од кога се произнесе бугарско малцинство кое не постои и од тогаш тој притисок е поинтензивен најмногу во овие псоледниве 2 -3 години. Па лани за време на пописот се чувствува и очекуваме уште поинтензивен да биде затоа што сега Бугарија ја легитимира својата политика, успеа на пописот да извади Бугари и да настапи уште пожестоко да ги асимилира Македонците во Албанија, вели Васил Стерјоски претседател на македонската партија во Албанија.

– Тоа се политички игри, јас лично избегнувам да зборувам затоа што има притисоци, не бркаат од работа, и внимаваме. Но мислам со моето присуство денес овде докажувам дека сум Македонец, вели Јордан Белчев од претседателството на партијата ОМУ „Илинден Пирин“.

Поезијата на Балканскиот поетски камп во Охрид денес симболично ги спои Егејот, Пиринот, Вардарот и Мала Преспа. (Крај)

извор: Веле Митаноски фото: Веле Митаноски

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука