ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид Охрид некогаш ТОП ВЕСТИ

Англиската сликарка и писателка Mary Adelaide Walker во 1864 година изработила цртежи од Охрид и Св. Наум објавени во книгата „Through Macedonia to the Albanian Lakes“

Охрид, 24. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Свети Наум е на 6 часови патување јужно од Охрид и е настрана од патот по кој најчесто патуваат туристите кон Јадранот, и е ретко посетен од Европјаните, напишала англиската сликарка и писателка Mary Adelaide Walker (1820-1905) во нејзината книга Old Tracks and New Landmarks: Wayside Sketches in Crete, Macedonia, Mitylene напишана во 1897 година, стои во објавата во Facebook групата

 Lexicon of foreign painters in Macedonia 1850-1950.

„Се поделивме на две групи. Првата група патуваше покрај езерото а втората со коњите го фати кривудавиот пат низ густата шума каде што во античкото минато минувал патот Виа Игнација. Застанавме во едно селце каде што би требало да се рушевините на стариот град. Лихнидус.“ (моја забелешка: Пештани? Елшани? Љубаништа? – каде точно се наоѓал Лихнидус?)

„Залудно ги барав трагите од Лихнидус. Густата вегетација од планината ги покрила сите траги. Патувајќи низ густата шума по едно тесно патче кое стрмоглаво се спушташе кон езерото, околу 6 часот попладне пристигнавме до манастирот Свети Наум. Црковните камбани го поздравија нашето пристигнување. Некогаш во манастирот кој бил изграден во 7-миот век, имало и по 60-тина монаси. Денес во манастирот имаше само 6. Нѐ пречека Отец Серафим, весел, буцкаст и муабетчија, кој беше очигледно возбуден од оваа необична средба – посетата на европските дами е прва таква средба во историјата на манасторот. Решија да нѐ почестат со вечера. Приготвувањето на вечерата излезе дека е прилично сериозна работа. Поминуваше час по час, а готвењето траеше и траеше. Отец Серафим се обидуваше да нѝ го олесни чекањето со честење слатки, кафе и муабети.

Манастирот всушност служи како дом за сираци. До манасторот се наоѓа куќа во која се сместени 60-тина сираци. Манастирот исто служи како место каде што се лечат душевно болни луѓе. Постои манастирска легенда според која пред многу векови, некои неранимајковци барајќи скриено злато го отвориле гробот на Свети Наум, но наместо злато, од гробот излегло лудило со кое веднаш се заразиле.
Денес сите душевно болни пациенти се „лечат“ со стриктна процедура, која се применува без никаков исклучок врз секого:

– Во траење од 40 дена, пациентите се држат во самица и се храната еднаш дневно со леб и оцет.
– Секој ден, пациентите се носат и се затвораат во гробот на Свети Наум. Врз гробот, попот ќе седнел врз надгробната плоча и ќе им читал делови од Библијата.

– Овој иљач работи секој пат и врз секого, гордо вели Отец Серафим.

Конечно во 10:00 часот навечер, вечерата беше зготвена. На масата поставиле ножеви и вилушки, но тоа не го спречи Отецот Серафим да нѝ тура храна во чиниите со прсти, кои повремено сѝ ги подлижуваше со устата кога прстите ќе му станеа премрсни. На секое наше погледнување кон излижаните прсти со кои отец Серафим го фаќаше месото кое го ставаше во чиниите, стариот симпатичен монах нѝ одговараше со шеретска насмевка.“…

Ова е мал фрагмент од книгата на Мери Волкер од 1897 година. Малку се знае за нејзиниот живот. Постои податок дека госпоѓа Волкер во 1856 година се преселила од Англија во Истамбул каде што нејзиниот брат бил свештеник во британската протестантска црква. Останала да живее во Отоманска Турција до крајот на нејзиниот живот во 1905 година. Ја посетила Македонија и во 1864-тата година каде што изработила цртежи кои се објавени во нејзината прва книга: „Низ Македонија, кон албанските езера (Through Macedonia to the Albanian Lakes)“.

Сто и триесет години по посетата на госпоѓа Волкер, манастирот Свети Наум изгледа поинаку. Во гробот на Свети Наум нема веќе затворени лудаци за лечење. Ако побараш леб и оцет во ресторанот „Острово“, ќе те погледнат како да си мрднат. И се надевам дека во ресторанот „Острово“ не го ставаат месото во чиниите со прсти. Потребни се не повеќе од 30 минути да се стигне од Охрид до Свети Наум. Со автомобил, а не со магаре или коњ.

Сепак овој временски прозорец кон Охрид од крајот на 19-тиот век кај мене буди мала носталгија кон една мистичност и чувство за авантура која денешната цивилизација го избришала од туристичката метропола – Охрид. (Крај)

извор: Lexicon of foreign painters in Macedonia 1850-1950 фото: Lexicon of foreign painters in Macedonia 1850-1950

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука