Скопје/Охрид, 10. септември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Проектот и активноста за пренасочување на коритото на река Сатеска е од исклучителна важност за Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) кое е главен национален корисник, информираат за Супер радио и OhridPress од министерството.
Додаваат дека со неговата реализација се постигнува двоен еколошки и социо-економски бенефит за регионот и локалните заедници кои живеат, но и исполнување на меѓународни обврски преку зголемување на отпорноста и намалување на изложеноста од ризици од поплави на заедниците во поширокиот слив на Охридското Езеро како дел од Дримскиот слив, намалување на еколошкиот притисок на река Сатеска врз Охридското Езеро со нејзиното пренасочување кое е направено во 1950 година, реализација на мерки и зголемување на процентот на напредокот во Извештајот кој македонската Влада го доставува до Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, според кој реката Сатеска „има повеќекратно потврдено негативно влијание врз квалитетот на водата на Охридското Езеро, како и на животинските и растителните заедници кои го населуваат литоралниот дел на езерото, зголемување на процентот на напредокот во Извештајот за напредокот за транспонирање и имплементација на Рамковната директива за кој се доставува до Европската Комисија и имплементација на Планот за управување со сливот на Охридското Езеро.
Од МЖСПП информираат дека е во тек Информација до Владата на Република Македонија за операционализација и ставање во функција на системот преку Стандардна оперативна процедура.
– Со проектот се изврши реставрирање на природното речно корито на река Сатеска во нејзиното природно корито, што се влева во река Црн Дрим и заштита и намалување на таложењето на наносот во речното корито, со предвидување на антиерозивни мерки и таложник за собирање на наносот. Во текот на 2023 и 2024 година се реализирани следните предвидени активности: враќање на меандрираното корито во граници на реката, продлабочување на коритото (вадење на наносот), чистење од отпад, чистење од дрвја и грмушки, оформување на оштетените насипи на потегот од разделната градба кај село Волино до границата помеѓу општина Дебрца и општина Струга, во должина од околу 4 километри, изградба таложник низводно од разделната градба кај село Волино – во насока на природното корито на река Сатеска, наменет за зафаќање на количините на нанос што би се транспортирале со реката Сатеска со изведба на стабилизациони и каскадни прагови вдолж коритото, комплетна рехабилитација и надградба на постоечката разделна градба со замена на регулациони табласти затварачи и автоматизирање на регулациониот протокот, целосна реконструкција и автоматизација на хидромеханичката опрема на пренасочната конструкција кај село Волино, формирање на седиментен слив со капацитет од ~12.000 m3, подобрување на способноста на реката Сатеска на критични делови во приближна должина ~4.000 метри и дополнително чистење на преостанатиот дел од старото корито на Сатеска од комунален отпад и вегетација за да може да се овозможи фунционирање на системот и пренасочување на водата во старото корито, потенцираат од МЖСПП.
Општина Дебрца како административно правен корисник и имплементатор на оваа активност, финансиски подржана од страна на проектот ги спроведе сите потребни процедури околу обезбедување на потребната техничка документација и сите неопходни дозволи и согласности согласно регулативата за управување со водите и за извршување на градежните активности.
Реката Сатеска е рак рана на Охридското Езеро која рие со години, уште од 1961 кога нејзиниот тек е пренасочен од природно корито со вливање во Црн Дрим кон Охридското Езеро. Тоа е направено од неколку причини и тоа да се оневозможи внесување талог во акумулацијата Глобочица, пресуши Струшко блато и наголеми потенцијалот на Охридско Езеро за производство на електрична енергија. Затоа талогот (ситен нанос) со децении оди во езерото. Според анализите на Хидробиолошкиот завод, зависно од сезоната Сатеска внесува дури и до 129 тони суспендиран материјал во езерото дневно (податокот кој се користи е од 1969/70). Талогот во овие 55-56 години извршил деструкција на живеалиштата од северниот дел на Охридското Езеро при што се доведува во прашање опстанокот на некои ендемични видови кои живееле или сè уште живеат тука. Наносот се таложи во 4-5 км од брегот во правец на длабочините (или кон југ), а после влевањето се шири и по 1-1,5 км лево и десно од устието. Уште полошо е што Сатеска внесува вода во езерото од многу полоша категорија, а како „замена“ за неа од Дрим истекува вода со далеку подобар квалитет од внесената. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: сдк.мк/архива