Охрид, 11. септември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Читатели на OhridPress испратија фотографии до редакцијата од градежните работи кои се одвиваат на дел од патниот правец кој ќе води од градот Елбасан во соседна Албанија до Граничниот премин „Ќафасан“ со Република Македонија.
Истиот е дел од Европскиот Коридор VIII и на него се одвиваат градежни работи за пробивање и тампонирање на делницата.
– До морето ќе се стигнува многу бргу. Се работи на повеќе делови и со секое доаѓање, се’ повеќе се гледа изграденото. Има мали застои каде што се најголемите работи, посебно кај хотелот „Балкан“, велат во дописот.
Работата на овој потег започна пред нешто повеќе од една година. Станува збор за потег од околу 6 километри, а целиот зафат до границата со Република Македонија треба да заврши за околу две години. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес