Избор Македонија Охрид Празници ТОП ВЕСТИ

Календар на МПЦ-ОА: Свети свештеномаченик Антим

Охрид, 16. септември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Православните верници денес го слават споменот на Светиот свештеномаченик Антим.

Роден е во Никомидија и од детството воспитан како вистински христијанин. Телото му беше умртвено, духот смирен, зависта искоренета, гневот скротен, мрзливоста протерана, имаше љубов кон сите, мир со сите, благоразумност во сè, ревност кон славата Божја, јавна за сите. Не е чудо што човек со такви добродетели беше поставен за епископ. Свети Антим епископствуваше во Никомидија во времето на жестокото гонење на христијаните под свирепите цареви Диоклецијан и Максимијан. Особено во Никомидија христијанската крв се лееше во потоци.

Една година на денот на Христовото Рождество во еден храм беа изгорени дваесет илјади маченици. Тоа се случи во времето на архијерејството на Антим. Но, гонењето не заврши со тоа, туку продолжи, па мнозина христијани беа фрлени во затвор и така чувани за маки и убивање. Светиот Антим се оддалечи во едно село, Оман, не за да ѝ побегне на смртта, туку за да може оттаму да го храбри своето стадо во подвигот на мачеништвото, за никој да не отпадне заради страв. Едно од неговите писма до христијаните во затворот беше фатено и предадено на царот Максимијан. Царот испрати дваесет војници да го фатат и да го доведат Антим. Белокосиот прозорлив старец им излезе во пресрет на војниците, ги воведе во својот дом и ги нагости, па дури потоа им кажа дека тој самиот е Антим когошто тие го бараат. Восхитени од неговата добрина војниците му предлагаа да се скрие, а тие да му речат на царот дека не можеле да го најдат. Но, Антим им одговори дека тој не смее да дозволи со лага да се престапува заповедта Божја и да се спасува неговиот живот, туку појде со нив. Патем, војниците поверуваа во Христа и примија крштение од овој епископ. Изведен пред царот Свети Антим баше долго и жестоко измачуван, а најпосле го исекоа со секира. Го прослави Господа и се упокои во Него, во почетокот од 4 век.

Тропар

Радувај се, роде човечки, радувај се, Никомидија, ете од тебе Бог порасна фиданка, која стократен плод ќе принесе, преку неа врати ќе се отворат, за ангели земни кон небеса да восходат. Антиме, Христов епископе, ти кој на Бога непрестајно за сe благодариш, не отстапувај од Спасителот прошка да измолиш, за сите оние кои тебе те повикуваат. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука