септември 24, 2024

Скопје, 21. септември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Министерството за образование и наука (МОН) ги објави конкурсите за доделување на стипендии за студии од втор и трет циклус на високообразовните установи во Република Македонија, за академската 2024-2025 година

.

– Вкупно 50 стипендии за постдипломски и 20 стипендии за докторски студии ќе бидат доделени на македонски граѓани кои ќе се запишат на некоја од домашните високообразовни установи на програми од следните научни подрачја: природно-математичките науки (биологија, физика, гео-физика, геологија и минералогија, хемија, биохемија, математика и информатика) или на инженерство и технолошки науки (електротехника, електро-машинство, електроника и автоматика, енергетика, геодезија, градежништво и водостопанство, хемиско инженерство, хемиска технологија, компјутерска техника и информатика, машинство, материјали, металургија, применета геологија и геофизика, рударство, сообраќај и транспорт, технологија на прехранбени производи, текстилна технологија и телекомуникациско инженерство, инженерство за заштита на животна средина, инженерство за заштита на работна средина и индустриско инженерство и менаџмент); хуманистички науки и општествени науки. Месечниот износ на стипендијата за постдипломски студии е 9.000 денари, за 9 месеци во годината. Додека за докторски студии ќе се исплаќаат 18.000 денари месечно, во текот на целата година, информираат од МОН.

Додаваат дека од оваа година, за стипендиите за постдипломски студии ќе може да аплицираат и студенти кои имаат завршено прв циклус на студии во траење од три години, односно 180 ЕКТС. Новото раководство на Министерството за образование и наука го прифати барањето на студентските организации за отстранување на ова ограничување од изминатите години. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука