Македонија

Се чека договор за Изборниот законик

Скопје, 13. октомври 2015 (ОХРИДПРЕС) – Последните информации се поврзани со несогласувањата околу гласањето на дијаспората.

ВМРО ДПМНЕ смета дека треба да остане истиот модел за избор на тројца пратеници, со евентуално зголемување на бројот на гласачките места. СДСМ бара воведување изборен праг за да не се избира пратеник со само неколку стотини гласови. На масата е и предлогот целата дијаспора да гласа како една изборна единица од тројца пратеници. Двете партии продолжуваат меѓусебно да се обвинуваат за непостојани ставови и за одолговлекување на преговорите. Речиси е постигнат целосен договор по прашањата поврзани со пречистувањето на избирачкиот список, со гласањето во ДИК, со одлучувањето по жалби, со исклучувањето на медиумите како донатори на избрна кампања и друго.

Рокот за постигнување договор за Изборниот законик истече на 6-ти октомври. Изминативе дена, европскиот медијатор Питер Ванхауте се обиде да ги доближи непомирливите партиски ставови преку поединечни средби. Врз основа на партиските забелешки, тој понуди нацрт закон. Доколку се постигне, новата изборна регулатива може да влезе во собраниска процедура. По затворањето на ова прашање, работните групи треба да продолжат на други теми: реформа на медиумите и правосудството, законите за заштита на „свиркачите“ и за спречување злоупотреба на „бомбите“, како и утврдување предлози за министри и заменици во преодната Влада. (Крај)

извор: Телма фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука