Хроника

Кривична пријава за албански државјанин кој извршил бројни кражби низ Струга

Струга, 14. март 2016 (ОХРИДПРЕС) – Поради постоење основи на сомнение за сторени три казнени дела „тешка кражба“, полициската станица од Струга поднесе кривична пријава против Н.С. (20) од Прењас – Република Албанија.

На 20-ти минатиот месец, пријавениот, со употреба на камен го скршил стаклото од влезната врата на една фризерница лоцирана на улицата „Партизанска“ во Струга. Одзел повеќе апарати за потстрижување и други предмети, со што се стекнал со противправна имотна корист од 30.000 денари.

На почетокот на февруари годинава, пријавениот Н.С. со камен скршил прозор од приземјето на куќа лоцирана на улицата „Маршал Тито“ во Струга. Откако влегол во внатрешноста извршил пребарување во собите по што бесправно одзел поголема количина накит „Сваровски“ во вредност од 30.000 денари. Потоа преку прозор од спална соба на западната страна од куќата успеал да се спушти на кровот од гаражата и незабележан избегал.

Кон крајот на јануари оваа година, Н.С. со насилно отворање на прозорецот, успеал да влезе во продавница за авто делови на улицата „Маркс и Енгелс“ во Струга. Притоа одзел пари, филтри за масло, греачи и други предмети со што се стекнал со противправна имотна корист од 7.500 денари. (Крај)

извор: СВР Охрид фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука