Струга

Се разгледуваат проектите од културата во партнерските општини Струга, Струмица и Центар

Струга, 30. декември 2016 (ОХРИДПРЕС) – Неодамна беше промовиран повикот за доделување на грантови за иновативни локални проекти од областа на културата исклучиво од усвоените локални Стратегии и акциски планови за култура во трите партнерски општини: Струга, Струмица и Центар.

Во наредниот период ќе се разгледуваат пристигнатите проекти и ќе следи избор на грантистите.

Оваа грантова шема е дел од проектот „Граѓанско учество за локална демократија” кој го имплементираат Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ) и Центарот за развој на локална демократија (ЦРЛД) во трите партнерски општини: Струга, Струмица и Центар. Проектот се спроведува во рамките на Програмата на ЕК ИПА 2 за поддршка на граѓанското општество и медиумите за 2014 година (грант ИПА – 2015/ 370- 985).

Целта на проектот е да му помогне на граѓанското општество во неговиот непречен демократски развој, поточно на граѓанските организации кои работат во областа на културата во трите горенаведени општини. Граѓанските организации, како eдна од алките на демократијата, неопходно е да имаат активно учество во креирањето на локалната политика од областа на културата, а тоа се овозможува преку финансиска поддршка и соработка со локалните власти.

Во текот на проектот беа подготвени и усвоени локални Стратегии за култура во трите општини проследени со акциски планови. Со овие грантови ќе се поддржат иновативни, локални проекти од областа на културата исклучиво од усвоените локални Стратегии и акциски планови за култура, односно утврдените приоритети/мерки/активности во нив. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука