Избор Охрид

Точков: Во Охрид имаме голем прилив на млади крводарители

Охрид, 17. март 2015 (ОХРИДПРЕС) – По повод Денот на Црвениот крст на Република Македонија и Денот на крводарителството, Општинската организација на Црвениот крст од Охрид денеска на пригодна свеченост додели признанија на повеќекратни дарители на крв, на фирми и институции, како и на поединци кои придонеле во развојот на крводарителството во текот на изминатата година.

Охриѓанецот Петре Трајчески е долгогодишен крводарител кој во 2014 година ја даруваше драгоцената течност по стотти пат. За него, овој хуман гест е од непроценливо значење.

petre_trajceski

– Им посакувам на сите редовно да даруваат крв. Јас тоа го правам уште како мал. Секаде каде што ќе разберев дека има акција учествував и се’ уште учествувам. По дарувањето крв се чувствувам толку многу пријатно што не можам да ви опишам. Ќе продолжам и натаму да бидам крводарител, истакна  Трајчески.

Претседателот на Црвениот крст од Охрид Сашо Точков вели дека крводарителството е една од дејностите на која и’ се обрнува огромно внимание. Според него, крводарителските акции што се организираат ги задоволуваат потребите од крв и крвни продукти на здравствените установи.

– Крводарителството е дејност на која ние активно делуваме и постојано ја унапредуваме. Сите операциски зафати во поново време се толку современи што бараат помала потреба од крв и крвни продукти, така што можеме да кажеме дека со исполнетиот план во 2014 година, сме ги исполниле потребите на здравствените установи во Охрид и Дебрца за повредените, болните и сите други на кои им беше потребна крв, појасни Точков.

saso_tockov

Трајчески е единствениот крводарител којшто стопати дарувал крв,  но по него следуваат двајца крводарители со по 50 дарувања, деветмина со по 20 крводарувања, но и такви кои петпати или десет пати дарувале крв за да спасат нечиј живот.

– Најмладиот крводарител според законските пропозиции за дарување има 18 години, а најстариот е на 62-годишна возраст. Поактивна е машката популација, но ние сме меѓу првите организации во Македонија кои имаме голем прилив на млади крводарители, додаде Точков.

На денешната свеченост, благодарници на Црвениот крст за развој и унапредување на крводарителството добија дел од охридските електронски медиуми и веб-портали, СВР Охрид, ординацијата „Баткоски“, Факултетот за туризам и угостителство од Охрид и Универзитетот „Свети апостол Павле“, Студентскиот дом „Никола Карев“, трите средношколски центри во градот, охридската територијална противпожарна единица како и повеќе приватни фирми.

Годинава Црвениот крст на Република Македонија и општинската организација во Охрид одбележуваат 70 години од постоењето. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука