Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Бочварски: Автопатот Кичево-Охрид очекувам да се заврши во предвидениот рок до 31-ви декември 2023 година

Скопје, 16. декември 2022 (ОХРИДПРЕС) – Министерот за транспорт и врски во Владата на Република Македонија Благој Бочварски денеска изјави дека очекува автопатот Кичево-Охрид да се заврши во предвидениот рок до 31-ви декември 2023 година.

Одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата, Бочварски посочи дека го прават притисокот истиот да се заврши во предвидениот рок, 31-ви декември 2023 година.

– Имаме тим од сите ресори од Министерството, Јавното претпријатие за државни патишта, Агенцијата за имотно-правни односи, Правобранителство, Агенцијата за катастар на недвижности и други кои имаат удел во оваа постапка и работат секојдневно на решавање на сите процедури и потешкотии кои се јавија на терен, но прогресот се одвива сега добро, работите течат и нашиот рок што сме го задале за реализација на овој автопат е непроменет, нагласи Бочварски.

Денеска најавата на прес конференција во Владата ја потврди и премиерот Димитар Ковачевски.

Со слична најава вчера излезе и првиот човек на ЈП „Државни патишта“ на Република Макеоднија, директорот Ејуп Рустеми, кој напомена дека експропријацијата на земјиштето за автопатот Кичево-Охрид ќе се реши до крајот на декември, а до крајот на следната година ќе заврши проектот.

– До крајот на декември ќе ја завршиме експропријацијата на земјиштето и се чини дека и сега имаме вонредни активности, многу зголемени, во изградбата на патот, дека во наредната година ќе имаме вонредни активности, како што се очекува до крајот на годината, 31-ви декември 2023 година, проектот да биде завршен, изјави Рустеми.

Пред само три дена, порталот Фактор објави дека со дополнителни, над 4 милиони денари ќе се задолжи Јавното претпријатие за државни патишта во следниот период, а средствата ќе се користат за експропријација на земјиште за изградба на автопатот кон Охрид.

Владата на 1 декември донесе одлука со која се дава согласност „за задолжување заради издавање на банкарска гаранција за потребите на постапката за експропријација за изградба на Автопат А2, делница Кичево-Охрид донесена од Управниот одбор на Јавното претпријатие за државни патишта на седницата одржана на 28-ми ноември 2022 година“.

За време на неодамнешната посета на Охрид, премиерот на Република Макеоднија и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски порача дека автопатот Кичево-Охрид ќе се заврши до јануари 2024 година.

– Овој проект е од важно државно значење, но особено е важен за охридскиот регион, за развој на туризмот и економијата, истакна тој во Охрид.

Автопатот Кичево-Охрид започна да се гради во далечната 2014 година. Првично требаше да биде готов во 2018 година, за потоа рокот да се помести до јуни 2021 година, па сега до крај на 2023 година. Требаше да чини 378 милиони евра, но сумата стана двојно повисока. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука