Здравје Избор

Повик до децата од Охрид за учество во кампањата за здрави заби „Патот до здрави заби“

Охрид/Скопје, 22. април 2015 (ОХРИДПРЕС) – Во текот на следните три месеци ќе се реализира кампања за здрави заби насловена како „Патот до здрави заби“.

Организаторите праќаат апел до сите деца од цела Македонија, да се приклучат на оваа кампања, која ќе се спроведува во Скопје со бројни активности.

– Во овој период, дечињата ќе имаат можност, низ игра и забава, да се едуцираат како да ги мијат своите запчиња, колку често и зошто е важно редовно и правилно да се четкаат запчињата, велат застапниците за брендот „Лакалут“ во Македонија.

Право на учество ќе има секое детенце од сите градови на републикава, на возраст до 13 години, кое ќе сака да учествува. Доколку детето е под 6 години, ќе има право да учествува со родител. Доколку детето е над 6 години ќе се натпреварува само.

Дечињата ќе се дружат со Четко на разни локации низ Скопје, ќе играат многу интерактивни и забавни игри, како што се Кула, Пикадо, Куглањe, Квиз, Сложувалка, а за добрата игра и наученото ќе добиваат подароци. Сите останати кои нема да земат учество во игрите ќе можат да се дружат со Четко, да се фотографираат со него и да разговараат.

Првото дружење со Четко Четковски ќе се случи на 25-ти април, сабота, во Зоолошката Градина. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука