ЕКОЛОГИЈА Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

Вечерва премиера на видеото од истражувањата на Кшиштоф Старнавски од пештерата Врело на Матка, во кои учествуваа и охридски нуркачи

Охрид, 17. мај 2020 (ОХРИДПРЕС) – Вечерва, со почеток во 21:00 часот, на Facebook ќе се емитува премиерата на видеото на Кшиштоф Старнавски, кој на македонската и светската јавност ќе и’ овозможи ретка можност да види како изгледа подводната пештера Врело на длабочина каде ниту еден македонски нуркач сè уште нема стигнато.

Екипата во која беше и познатиот охридски нуркач и подводен археолог Никола Паскали, се нурна до длабочина од 230 метри, што само по себе ја става пештерата Врело на мапата на најдлабоките во Европа и во светот. Тој со сонда што ја пуштил пред себе утврдил дека длабочината на големата подводна галерија на пештерата се простира најмалку уште дваесетина метри, пред да почне стеснувањето кое го видел и со голо око.

– Погледнете ја презентацијата од истражувањата на подводната пештера Врело во кањонот Матка, организирано од Нуркачки Центар „Акватек“, Спелео Нуркачки Клуб „Врело“ и Полскиот нуркачки тим на Кристоф Старнавски. Кристоф беше избран за истажувач на годината од списанието Национална Географија. Пештерата досега ја истражувале италијански, белгиски, чешки и други светски познати спело нуркачи. Ова е тимски спорт. Со овие истражувања направивме одлична реклама низ светските медиуми за пештерата Врело, а и за нашата земја. Голема благодарност до сите кои со своите спонзорства помогнаа да му покажеме на светот што имаме и дека можеме и сакаме. Доста охридски фирми и кафулиња помогнаа со свои донации, за што од срце им благодарам. Јас бев делот од тимот на Старнавски, му помагавме за време на декомпресиите. Имаше два длабоки зарони, еден на 188 метри и уште еден на длабочина од 230 метри со максимална должина од околу еден километар. Исто така направивме и добра фотосесија, ние бевме задолжени за осветлувањето, вели Паскали.

Паскали го истражува езерото на Матка подолг период и има учествувано и на многу други експедиции, како онаа на италијанскиот нуркач Луиџи Казати, кој претходно успеа да се спушти на длабочина од 212 метри во пештерата Врело на Матка.

Според претпоставките на Старнавски, после 250 метри, пештерата можно е да продолжува и до 300 метри длабочина. Тој има намера тоа да го открие следната година, кога најави дека ќе оди најмалку и до 270 метри надолу во Врело. Доколку се остварат неговите предвидувања дека длабочината може да достигне и триста метри, тогаш големи се шансите Врело да стане и најдлабоката подводна пештера во светот. Старнавски е еден од најпознатите нуркачи спелеолози. Тој нурка со т.н. ребридер, затворен систем кој, наместо боци со кислород, користи комбинација од гасови кои му овозможуваат да се задржи подолго време под вода. Сепак, за разлика од другите нуркачи Старнавски од секоја своја експедиција вади и одлични фотографии и видео-снимки, кои ги прави заедно со неговиот тим.

Презентацијата од истражувањата на подводната пештера Врело во кањонот Матка можете да ја погледнете ОВДЕ, вечерва со почеток во 21:00 часот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука