ЕКОЛОГИЈА Избор Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Повеќе локации во Охрид и Скопје утре ќе потонат во мрак за „Часот на планетата Земја“

Скопје/Охрид, 26. март 2021 (ОХРИДПРЕС) – Милиони луѓе ширум светот утревечер виртуелно ќе се обединат во испраќање на заедничка порака за спас на планетата Земја, кога ќе се одржи глобалната еколошка акција Часот на планетата Земја.

Македонија 12-та година по ред ќе земе активно учество во еколошката акција за спас на Земјата, обединувајќи стотици илјади луѓе ширум државата кога во 20:30 часот по локално време, во период од еден час во мрак ќе потонат над 180 земји и 7.000 града ширум светот.

Во мрак ќе потонат повеќе локации во Скопје и Охрид, меѓу кои и претседателската вила Водно, Владата, плоштадот Македонија, сите објекти и мостови по кејот на реката Вардар, скопската тврдина Кале, Порта Македонија, парковите во скопските општини Аеродром и Карпош, додека во Охрид меѓу најатрактивните се Самоиловата тврдина, кејот Македонија и црквите Света Софија, Плаошник и Канео.

Како што акцијата ќе патува низ часовните зони, милиони луѓе ширум светот виртуелно ќе се обединат во испраќање на порака за солидарност со проблемите со кои се соочува планетата Земја.

И оваа година акцијата ќе биде одбележана виртуелно, со одржување на првата дигитална климатска конференција во Македонија, под мотото „Дали природата го возвраќа ударот?“, која ќе се емитува во живо утре во 19:30 на фејсбук профилот на Часот на планетата Земја.

Со докази кои упатуваат на тесна поврзаност помеѓу уништувањето на природата и светските пандемии како таа со COVID-19, Часот на планетата Земја и Светскиот фонд за природа (ВВФ) оваа година ќе го искористат светскиот едночасовен мрак да алармираат дека зачувувањето на природата и биодиверзитетот, намалувањето на ефектот од климатските промени и одржливото живеење се пресудни за нашата иднина на оваа планета.

Започнувајќи како симболичен настан во Сиднеј во далечната 2007 година, Часот на планетата Земја сега се одбележува во повеќе од 180 земји и територии како глобален момент на солидарност за планетата. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука