Забава Избор ТОП ВЕСТИ

ЏезВез со нов, џез призвук на македонскиот фолклор: Прекрасна обработка на „Каранфило филфило моме” (Видео)

Скопје, 20. мај 2021 (ОХРИДПРЕС) – Во ова, за сите нас, тегобно време, кога сите гранки на уметноста се во молк, вистинско изненадување приреди оваа неочекувана консталација на веќе докажани музички уметници, сплотени во јадро наречено ЏезВез.

Денес нѝ понудија обработка на стара народна песна „Каранфило филфило моме” во етно-џез манир. Да се задржи автентичноста на изворот, а да се градуира во нов призвук, е секако голема одговорност, но и голема мајсторија.

Почнувајќи од високо професионалниот приод кон идејните решенија на Никола Мицевски (аранжман, пијано) преточени низ интерпретацијата на веќе добро познатите Оливер Јосифовски (контрабас), Дино Милосављевиќ (тапани) и Петар Христов (сопран саксофон), па сѐ до магичната кохезија на гласовните капацитети на Ана Костова, Дани Димитровска и Сара Пројковска, се создаде едно прекрасно музичко доживување, зачеток на нова приказна, која допрва ќе изненадува.

– Да не се заборави исконското, она што сме НИЕ, во вистинска смисла на зборот, преточено во звукот на денешното време, изјавува Ана.

Сара вели: „Како протагонисти, инспирацијата од нашето богато фолклорно и културно наследство, е приказна без крај. Нека биде ова само почеток!“

– Овој уметнички израз во синергија е подигнување на вибрацијата на македонската музика како идентитет; како љубов, спознавање и еднување, изјавува Дани за првата песна од овој проект.

АудиоКултура е просторот каде во живо е изведена оваа песна како прва од серијалот, а Alter Productions се потпишува како видео продукција. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ЏезВез

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука