Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Пештанци повторно на протест: Туѓо не сакаме, нашето си го бараме!

Охрид, 4. јули 2021 (ОХРИДПРЕС) – Влезот на автокампот „Градиште“ во близина на Охрид денеска повторно беше блокиран за возила поради мирниот протест на барателите на имот токму во „Градиште“ кои се заглавени во процесот на денационализација.

– Тука се сите баратели на имотите во процесот на денационализација. Организираме мирен протест, нашата цел е да се спроведат пресудите на Управен суд во наша корист. Бараме институциите да си ја завршат својата работа во целост. Секако дека ќе продолжиме да си ги бараме она што е наше, вели за „360 степени“ Андријана Башоска, една од барателите на имот.

Протестот доаѓа откако претходниот протест кој се одржа неодамна не ги даде посакуваните резултати за пештанци.

36 семејства од охридиското село Пештани повеќе од 20 години се заглавени во процесот на денационализација и не можат да си ги вратат парцелите одземени од државата, на локацијата каде е поставен познатиот автокамп „Градиште“ во близина на Охрид.

Надлежната Комисија за денационализација не им го враќа имотот, со образложение дека на земјиштето е изграден автокамп – што го смета за јавен интерес. Нуди обесштетување. Комисијата за денационализација вели дека цената е пресметана како просечна вредност на земјиштето во периодот кога било одземено. Но, поранешен член на истата комисија тврди дека парцелите може да се вратат на поранешните сопственици. (Крај)

извор: 360Степени/ОхридПрес фото: 360Степени

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука