Скопје/Охрид, 21. септември 2021 (ОХРИДПРЕС) – Државната изборна комисија денеска на седница со жрепка го утврди распоредот на кандидатите на гласачкото ливче за избори за градоначалници и членови на советите на општините и на Град Скопје.
Три кандидатури за градоначалник и единаесет советнички листи со вкупно 253 кандидати се во трка за една градоначалничка фотелја и 23 советнички места во охридскиот општински совет. Три советнички листи се независни, исто толку поднесени од коалиции и пет од политички партии.
Кандидати за градоначалник:
– Гоце Цветкоски од ТМРО – реден број 25
– Константин Георгиески од коалицијата „Најдоброто за мојата општина“ предводена од СДСМ – реден број 12 и
– Кирил Пецаков од коалицијата „Обнова на Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ – реден број 7.
Независни советнички листи:
– Група избирачи Димитар Велјаноски – реден број 122
– Група избирачи Антонио Наумоски – реден број 98
– Група избирачи Стевче Стевоски – реден број 38
Советнички листи од партиите:
– „Левица“ – носител Виолета Аврамова – реден број 15
– ДУИ – носител Нефи Усеини – реден број 3
– „Единствена Македонија“ – носител Владимир Суклоски – реден број 19
– Движење БЕСА – носител Џемал Мена 16
– ТМРО – носител Магдалена Наумоска – реден број 25
Советнички листи на предлог на коалиции:
– ВМРО-ДПМНЕ и коалиција „Обнова на Македонија“ носител Сашо Донев – реден број 7
– ДОМ и ЛДП „Одлучно за промени“, носител Александар Станкоски – реден број 2 и
– Коалиција „Најдоброто за мојата општина“ предводена од СДСМ со носител Науме Јованоски – реден број 12.
За претстојните локални избори, нема измени во локациите на избирачките места во Охрид. Ќе се задржат промените што беа извршени за време на парламентарните избори, со почитување на протоколите за заштита од Covid-19. Единствено имаме една промена на локација и една суштинска измена во опис на избирачко место, информира за Супер радио и OhridPress Марга Димковска, раководител на поддрачното одделение на Државната изборна комисија.
– Измена има во локацијата на едно избирачко место. Гласачкото место 1255 1255/1 што беше сместено во просториите на Територијалната противпожарна единица, во овој изборен циклус запишаните избирачи сега ќе гласаат во просториите на ОУ „Братство Единство“. Има и една суштинска промена во однос на опис на избирачко место, во однос на состав на улици. Промена има на гласачкото место 1271, бидејќи бројката на запишани избирачи надминува 1.200. Во насока на почитување на ковид протоколите, гласачите од цела улица „Лазо Трпоски“ сега своето право на глас ќе го остварат на избирачкото место 1274, сместено во Гимназијата, потенцира Димковска.
Изборната кампања за првиот круг од локалните избори официјално започнува на 27-ми септември и ќе трае до 15-ти октомври на полноќ. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива