ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Струга ТОП ВЕСТИ

Осквернавени спомен бистите на Анте Поповски и Славко Јаневски во Струга

Струга, 1. октомври 2021 (ОХРИДПРЕС) – Непознати сторители ноќеска ги вандализирале спомен бистите на македонските поети Анте Поповски и Славко Јаневски во Струга.

Бистата на Поповски била фрлена во водите на Охридското Езеро, додека, онаа на Јаневски е оштетена и свртена наопаку на постаментот, јави Канал 5.

Информацијата ја потврди портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски посочувајќи дека полициски службеници извршиле увид и се работи на расчистување на случајот.

– Настанот е пријавен во ОВР Струга, полициски службеници веднаш излегоа на терен да извршат увид на лице место. Полицијата работи на расчистување на случајот и откривање на сторителите, изјави Димоски.

Настанот го осуди и директорот на националната установа „Струшки вечери на поезијата”, Тодорче Расевски, посочувајќи дека вакви инциденти се случувале и порано.

– Најостро го осудуваме чинот на вандализирање на бистите на истакнатите македонски поети. Очекуваме сторителите да бидат фатени во најкус рок и соодветно казнети. Апелираме до струшката, но и целата македонска јавност да ги почитуваат придобивките од нашата поетска традиција, рече Тасевски.

Вработени во установата се на терен во обид да ја извадат бистата од езерото и да ја вратат на постаментот.

Вандалскиот чин се случува на 18-годишнината од смртта на великанот на македонската поезија Анте Поповски. (Крај)

извор: Канал 5 фото: ПлусИнфо

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука