ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Жители на Лакочереј со ултиматум: Ако „Лев Тахор“ не си замине, нема да ги пуштаме децата во школо

Охрид, 22. февруари 2022 (ОХРИДПРЕС) – Жителите од охридското село Лакочереј, каде моментално престојува еврејската религиозна група „Лев Тахор“, на газдата од хотелот каде се сместени му дале рок до утре да ги избрка, во спротивно се заканија дека ќе излезат на масовни протести, а децата нема да ги пуштат на училиште, објави порталот сдк.мк.

– Синоќа се собравме стотина луѓе спонтано. Го побаравме газдата на хотелот каде е сместена групата ‘Лев Тахор‘. Газдата од за него познати причини ни рече дека не може да присуствува на собирот кој беше  сред село. Сите отидовме пред хотелот и му кажавме до среда напладне да си ги дислоцираат луѓето. Тој кажа дека работел на тој проблем и со туроператорот барале решение. Имаше и полиција на собирот, вели Илче Настоски, жител на селото.

Настоски кажа дека ако 37 членови на групата не заминат од нивното село ќе излезат масовно на протести пред хотелот, а децата нема да ги пратат на училиште, оти школото било само на 500 метри од хотелот, па стравувале тие да не им ги киднапираат деца.

Во врска со истиот настан, полициски службеници од СВР Охрид денес извршиле службен разговор со 38-годишната В.С. од охридско, која во текот на вчерашниот ден на социјалната мрежа Facebook поставила содржина со која извршила кривично дело „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“, казниво по член 394-г од КЗ. При разговорот В.С. изјавила дека таа во текот на вчерашниот ден ја поставила содржината, а денеска самата ја избришала. По целосно документирање на случајот до ОЈО Охрид ќе биде поднесена кривична пријава по член 394-г од КЗ. (Крај)

извор: сдк.мк/Сузана Вренцовска фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука