Охрид, 28. февруари 2022 (ОХРИДПРЕС) – Во склоп на реализација на Програмата за превентивна здравствена заштита, како и активностите за континуиран здравствено-еколошки надзор, екипа на ЈЗУ Центар за јавно здравје (ЦЈЗ) Охрид, како и секоја година пред, во тек и после туристичката сезона, спроведе теренски увиди на санитарно-хигиенската состојба на целото крајбрежје на Охридското Езеро.
– Станува збор за анализа на квалитетот на водата на потегот од Св. Наум до селото Радожда на струшка страна, со земање примероци вода за испитување на квалитетот на водата, како и мониторинг на крајбрежјето и квалитетот на водата на Дебарско Езеро. Се врши мониторинг со земање проимероци вода од реките што се вливаат во Охридското Езеро. Целта на санитарно-хигиенските и теренски увиди е да се откријат потенцијалните загадувачи на езерската вода и опревземат мерки за нивно благовремено санирање, информираат од ЦЈЗ Охрид.
За заштита на Охридското Езеро изграден е колекторски систем кој ги собира отпадните води од Охрид и Струга, кои се пречистуваат во пречистителната станица во селото Враништа. Меѓутоа, се’ уште постојат објекти кои не се вклучени во колекторскиот систем, така што претставуваат потенцијални загадувачи како на езерските води, на реките и почвата.
Од направените теренски увиди, од ЦЈЗ Охрид потенцираат дека се констатирало дека потенцијални загадувачи се истите кои ги наведуваат последните години, односно:
1. Хотелско-угостителските објекти, како и туристичките населби кои се сместени по должината на Охридското крајбрежје, односно од хотел „Десарет“ до Св. Наум.
2. Хотелско-угостителските објекти, како и туристичките населби од Струга до селото Радожда. Единстевно, на овој потег приклучен на колекторскиот систем е хотелот „Макпетрол“, преку колекторскиот систем од селото Радолишта, хотелот „Бисер“ и селото Калишта.
3. Приватните куќи сместени на брегот од Охридското Езеро од плажата Сараиште, до приобалниот дел на населбата Канео.
4. Приватните куќи од селото Радожда кои користат септички јами (истите понираат или директно се празнат во езерото).
5. Реките кои директно се вливаат во Охридското Езеро: реката Черава (која доаѓа од соседна Албанија и директно се влива кај Св. Наум), реката Велгошка, реката Коселска и реката Сатеска (за која е направен нацрт проект за директно да се влива во реката Црни Дрим кој би се реализирал набргу)
6. Мониторинг на реката Црни Дрим и Радика со земање примероци вода за физичко-хемиска и микробиолошка анализа.
7. Шанкови поставени на самиот брег од Охридското Езеро (на самите плажи). Се врши мониторинг со земање примероци вода за физичко-хемиска и микробиолошка анализа.
8. Испустни цевки за собирање на атмосферски води кои се вливаат во Охридското Езеро, со можност за приклучени (намерно или ненамерно) отпадни фекални води од страна на колективни станбени згради и приватни куќи.
9. Базени за капење во склоп на угостителски објекти или како градски базен.
10. Хотел „Десарет“, автокамповите „Љубаништа“ и „Ливадишта“, хотел „Св. Наум“, ресторан „Острово“ и другите угостителски објекти во Св. Наум приклучени се на локален канализационен систем кој е изграден во Св. Наум во 2013 година, но истиот не функционира, односно третманот на отпадните фекални води не е комплетен, затоа што постои само дробилица за фекалиите, но не постојат филтри и нема хлорирање на отпадната фекална вода пред испуст во езеро што претставува директен загадувач на езерото.
Во поглед на испитувањата на плажите долж охридското крајбрежје, водата е класифицирана како одлична, со исклучот на земениот примерок од плажата „Извиднички“, каде класата на водата е добра.
– Како потенцијални загадувачи на Охридското Езеро во извештајот се посочуваат и реките кои директно се вливаат во него: Черава, Сатеска, Коселска и Велгошка. Извршен е мониторинг и земени се примероци вода за испитување од река Црн Дрим: водотек во центар, пред и после пречистителната станица. Во поглед на чистотата на реките таа е следна: реките Сатека и Коселска се од трета класа, реката Велгошка (Грашница) од петта класа, Велгошка (Грашница, влив во езеро) од трета каса, Црн Дрим, 20 м. по испуст на пречистителна станица од втора класа, Црн дрим, 20 метри пред испуст на пречистителна станица од трета класа и Црн Дрим, водоток во центар од прва класа, стои во годишниот извештај на охридскиот Центар за јавно здравје (ЦЈЗ). (Крај)
извор: Охрид1 фото: ОхридПрес