Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Локална самоуправа Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ Туризам

Убавините на Охрид и Македонија презентирани на Mеѓународниот саем за туризам во Белград

Белград/Охрид, 24. март 2022 (ОХРИДПРЕС) –  Денеска започна туристичкото претставување и понудата на Република Македонија на Mеѓународниот Саем за туризам во Белград кој се одржува од 24-ти до 27-ми март 2022 година.

Делегација на Општина Охрид, предводена од градоначалникот д-р Кирил Пецаков ќе учествува на оваа реномирана саемска манифестација, која се одржува по пауза од две години, поради ковид кризата. На штандот во Белград  ќе бидат презентирани туристичките вредности на Охрид и новините во туристичката понуда. Традиционално, градоначалникот Пецаков ќе ја организира Охридската вечера со туристичките работници на Србија.

Оваа година интересот на македонските општини да ја презентираат својата туристичка понуда е за поздравување. Општините Охрид, Дојран, Демир Капија и Гевгелија го видоа потенцијалот за привлекување што поголем број српски туристи и зголемување на нивниот престој во регионите каде што се нудат туристички продукти интересни за гостите од Србија. Освен општините на македонскиот штанд чии простор е 50 м2 коегзибитори се и ТА Савана, Хотам, DMC Balkans и други.

Утре, на вториот ден од Саемот, ќе се одржи презентација на македонските дестинации на која општините ќе ги претставуват туристичките содржини и можностите за поврзување на српските и македонските патувачи. Исто така со свои презентации ќе настапат и Маунтаин Солушн од Битола кои ќе ги презентираат планинарските авантури, JJ Adventures од Охрид специјализирани за планински велосипедизам и водени спортови, Шерпа Јавање од Галичник (Horse riding) и Нуркачки Центар „Амфора“ од Охрид, кои ќе ги презентираат авантуристичките и активните форми на туризам.

Годинава се одржува 43-то издание на Меѓународен саем за туризам во Белград. Првиот ден од саемот е отворен само за професионалци во туристичката индустрија на кои им се овозможува удобна работна средина со цел подобро вмрежување со тековните партнери и запознавање на нови. Меѓународниот саем за туризам во Белград обезбедува едноставно пребарување на бази на податоци на изложувачите и деловните посетители преку Б2Б Портал. Покрај порталот, оваа година е одвоен посебен простор за организирање на средби на „B2B Meetings“ помеѓу деловните посетители и изложувачите, како и излагачите меѓу себе. Секоја година, на површина од 30.753 m2 се претставуваат 900 излагачи од 50 земји, 65.000 посетители и над 12.500 професионалци од туристичката индустрија – учесници, посетители и гости, од кои 650 се домашни излагачи во рамките на програмата „Србија на едно место“ и 250 странски излагачи, како и 1.000 новинари од Србија и регионот.

Забележан е брз раст на српски туристи и тоа за 275% во 2021г споредбено со 2020 година, интересен е податокот за растот на остварени ноќевања на српски туристи и тоа за 257% во 2021 година споредбено со 2020 година. Пикот на српски туристи кои ја посетиле Република Македонија за 2021 година бил во летните месеци, и тоа јуни, јули со акцент во месец август со реализирани 9497 посети од страна на српски туристи. Додека пак, пикот на остварени ноќевања на српски туристи во Република Македонија за 2021 година бил во месеците јули со 18.195 ноќевања и август со 21.540 ноќевања. Зголемувањето на српските туристи во Охрид е забележан во изминатата година и тоа во 2019 година Охрид бил посетен од 10.035 туристи додека во 2021 година го посетиле 12.627 српски посетители. Зголемениот проток на туристи меѓу двете земји може да ја воочи потребата од враќање на конекцијата Белград-Охрид-Белград, се мисли на сезонска авиолинија која во минатото многу добро функционирала. Српските туристи во Република Македонија освен Охрид го посетуваат и винскиот регион каде што уживаат во македонските вина и гастрономијата, како и Дојран, зимските центри и главниот град Скопје.

– Во топ 10 земји (се мисли на туристи од дадената земја кои ја посетиле Република Македонија во 2021 година) Србија е на прво место, со остварени 43.914 посети. За српскиот туристички пазар и за македонскиот дојдовен туризам значаен податок е директната авионска линија со авиокомпанија Air Serbia на релација Скопје-Белград-Скопје која оперира 3 пати неделно, и тоа понеделник, петок и недела, изјави директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, д-р Љупчо Јаневски.

Српскиот туристички пазар е еден од најзначајните за македонскиот туризам, па поради тоа се превземаат активности за промоција со цел зголемување на бројот на српски туристи и остварени ноќевања. Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот реализира медиумските активности за промовирање на туристичките потенцијали на Република Македонија во Србија и истата за 2022 година ќе се реализира преку онлјан кампања на најчитаните интернет портали. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука