Економија Избор Македонија ОБРАЗОВАНИЕ ТОП ВЕСТИ

СОНК најави генерален штрајк во училиштата и градинките од 11-ти април

Скопје, 30. март 2022 (ОХРИДПРЕС) – Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК), најави генерален штрајк во училиштата и градинките, од 11-ти април, откако вчерашните преговори со Владата завршиле без предлог.

– Советот на СОНК донесе едногласна Одлука за Генерален штрајк кој што ќе започне на 11-ти прил. Денешните преговори завршија без предлог од страна на Владата, напиша на Фејсбук претседателот на СОНК, Јаким Неделков.

Од Владата преку соопштение по средбата велат дека договориле континуиран дијалог до постигнување договор.

– На средбата се разговараше за барањата на СОНК и на истата е донесен заеднички заклучок дека Владата е отворена за континуиран дијалог со цел изнаоѓање одржливи и системски решенија кои ќе постават рамка која ќе го заштити стандардот и интегритетот на наставниот кадар, а со акцент на стартната позиција врзана со социјалниот статус на вработените во воспитно-образовниот систем како основ за понатамошните разговори, соопштија од Владата.

Од СОНК бараат усогласување на платите во образованието со минималната плата, која од овој месец се зголемува на 18.000 денари. Дополнително од Синдикатот бараат минималната плата во иднина да биде основица со која ќе се множат коефициентите на сложеност на работните места во образовниот сектор.

Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија повика на предупредувачки протест денеска. Протестниот марш ќе започне во 15:30 часот пред Собранието, а присутните потоа ќе се упатат до Владата. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука