ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија ТОП ВЕСТИ

Во Македонија живеат 1.836 713 граѓани, 58,44% се Македонци, 24,30% Албанци

Скопје, 30. март 2022 (ОХРИДПРЕС) – Во Република Македонија живеат 1.836 713 граѓани, соопшти директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, презентирајќи ги резултатите од пописот на населението, домаќинствата и становите, што се спроведе од 5-ти до 30-ти септемви 2021 година.

Во текот на најголемата статистичка операција спроведена во земјава по пауза од две децении, вкупно се попишани 2.097 319 лица, од нив 54,21% се Македонци 29,52% Албанци, 3,98% Турци, 2,34% Роми, 0,44% Власи, 1,18% Срби и 0,87% Бошњаци, рече Симовски.

– Вкупниот број на резидентно население изнесува 1.836 713 лица, а нерезиденти се 260.606 лица. За 132.260 лица податоци се преземени од административни извори. Од резидентите, 58,44% се Македонци, 24,30% како Албанци, 3,86% Турци, 2,53% Роми, 0,47% Власи 1,30% Срби и 0,87% Бошњаци. Државјани на Македонија отсутни во странство повеќе од 12 месеци се 258.932 лица и од нив 24,45% се Македонци, 66,36% се Албанци, 4,79% се изјасниле како Турци, 1,02% како Роми, 0,19% Власи, 0,35% Срби и 0.81% Бошњаци и друго. Бројот на странци времено присутни во земјава помалку од 12 месеци е 1.674 лица, истакна Симовски.

Бројот на домаќинства во Република Македонија е 598.632, а просечниот број на членови на домаќинствата е 3,06 члена. Бројот на станови е 839.174.

Според бројот на жители, најмала е општина Зрновци, а најголема Куманово. Забележани се 207 празни населени места.
Податоците од пописот покажале дека густината на населеност е 72,2 лица на километар квадратен, просечната возраст на населението е 40,08 години. Бројот на мажи на 1.000 жени е намален и изнесува 984,3 и споредено со претходниот попис нема маскулитет.

На ниво на цела држава во споредба со податоците од пописот 2002 вкупното население е намалено за 185.834 лица, односно за 9,2%.Бројот на домаќинствата е зголемен за 34.336, а на станови е зголемен за 141.031. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука