Забава ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Омилени 3 песни Охрид ТОП ВЕСТИ

Љупчо Танески во „Моите 3 омилени песни“ на Супер радио и OhridPress

Охрид, 31. март 2022 (ОХРИДПРЕС) – Охриѓанецот Љупчо Танески е денешен гостин во рубриката „Моите 3 омилени песни“ на Супер радио и OhridPress.

За него многумина ќе кажат вака или така, но она што е јасно е дека никого не остава рамнодушен. Или го сакаат и почитуваат или не, средина со него нема. Секако стои фактот дека годиниве наназад успеал да го „намириса“ градот, а особено некои негови „претставници“ и дека успешно плива помеѓу политичките и бизнис „ајкули“. Потпишува неколку информативни и забавни портали. Во неговото „јато“ се: ohrid1.com, megastar.mk,onemedia.mk, news1.mk, news1.al и lifestyle.mk.

Негов музички избор во „Моите 3 омилени песни“ се: Frank Sinatra со My way, Prince со Purple rain и Michael Jackson со Earth song. За секоја од нив, тој ја споделува и приказната која го поврзува со овие песни:

Frank Sinatra – My way

My Way од Френк Синатра ја сакам бидејќи се пронаоѓам во текстот. Цел мој живот правам се’ како што јас мислам дека треба или како што јас сакам. Никогаш не ми влијаела околината, напротив дури и сум одел контра свесно и од ќеф.

Prince – Purple rain

Purple rain ме потсетува на средношколските лета во Градиште на втората плажа. Тогаш Градиште имаше сосема друга приказна од таа што ја има денес. Тоа беше едно алтернативно место каде во тоа време се пушташе нај актуелната музика од светската сцена. Purple rain секогаш ја пуштаа на крајот од денот, кога сонцето ќе почнеше да заоѓа, а моето друштво се подготвуваше да тргне да фати комбе за да се вратиме дома.

Michael Jackson – Earth song

Earth song од Мајкл Џексон исто ме потсетува на тој период од мојата младост, кога прв пат почна глобално да се афирмира екологијата и заштитата на планетата. Пораките кои се испраќаа со текстот и рефрените за голема жал на нас луѓето и денес, по речиси 30 години се толку актуелни.

Помеѓу најдобрите македонски песни, изборот на Танески падна на Маја Оџаклиевска и „Не допирај ме“. Овој избор можете да го следите во изданието на емисијата „Мак Топ 10“, која се емитува премиерно на Супер радио секој четврток од 20:00 до 21:00 часот и репризно во сабота од 16:00 до 17:00 часот.

Маја Оџаклиевска – „Не допирај ме“

„Не допирај ме“ од Маја Оџаклиевска е една евергрин забавна македонска песна која мислам дека ќе не надживее сите нас. Моќната изведба на една врвна певица каква што е Маја и бојата на нејзиниот глас во комбинација со една одлична мелодија прават да ми врват морници кога ја слушам оваа песна.

Рубриката „Моите 3 омилени песни“ можете да ја слушате на Супер радио, на 97.00 FM секој работен ден во 10:30 и 17:30 часот или преку нашите веб интернет канали и стриминг платформи. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука