ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ ОБРАЗОВАНИЕ Охрид ТОП ВЕСТИ

Продолжува штрајкот во училиштата и градинката во Охрид, мирно и без притисоци

Охрид, 13. април 2022 (ОХРИДПРЕС) – Продолжува штрајкот во образовните установи во Охрид.

Веќе трет ден најголем дел од вработените во училиштата и градинките се во штрајк, повторувајќи ги своите барања за зголемување на платите.

Претседателката на Регионалниот огранок на СОНК во Охрид, Катерина Крстеска за Супер радио и OhridPress информира дека состојбата е непроменета, како од почетокот, мирно и без притисоци. Оние што штрајкуваа продолжуваат и натаму, а мал дел колеги и натаму држат настава. Засега вели дека немаат информација кога и како ќе се одвиваат преговорите со Владата.

– Состојбата е непроменета, во училиштата и градинките тие што штрајкуваа, штрајкуваат и натаму, во градинка исто. Оние што се со договор на дело примаат деца и држат настава по 1-2 часа, вели Крстеска.

Крстеска: Штрајкот во Охрид успешно се спроведува, нема притисоци врз вработените

Од почетокот на штрајкот во охридските основни и средни училишта штрајкуваат речиси сите наставници и професори, со мали исклучоци. Во градинките штрајкуваат над 60% од вработените, преостанатите повеќето се административно-технички персонал не го поддржаа штрајкот.

Околу 10% од вработените во образованието не го поддржале штрајкот, тоа се лица со нерешен статус, што се со договор на дело и немаат по кој основ да се приклучат.

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири изјави дека како ресор се подготвени на отстапки од повеќе инвестициски и други активности кои се дефинирани во програмата за работа на МОН за оваа календарска година, со цел да се обезбедат повеќе средства со кои ќе се доближиме до процентот на покачување на платите на наставниците што го бара СОНК.

– Штрајкот е започнат и бараме решение за надминување на ситуацијата што поскоро. Секако дека Владата ќе достави предлог до синдикатот, кој ќе биде соодветен на буџетските можности и се надевам прифатлив за СОНК. Да ги вратиме децата во училиштата, а потоа ќе дискутираме како ќе се надомести пропуштената настава, рече Шаќири.

Тој додава дека заложбата на Владата е да се изнајде системско решение со кои платите на вработените во областа на образованието ќе растат со секое покачување на минималната плата, што всушност е и едно од барањата на СОНК, со оглед на тоа што е најавено нејзино покачување и во 2023 и 2024 година.

Претседателот на СОНК Јаким Неделков изрази надеж дека во текот на денот ќе бидат повикани на разговори. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука