Избор Култура Охрид ТОП ВЕСТИ

Јубилејна 10-та сесија на Охридската летна архитектонска школа

Охрид, 17. октомври 2022 (ОХРИДПРЕС) – Одбележувањето јубилеи е пријатно, но и носталгично враќање на времето што поминало, порача во својот говор д-р Мишко Ралев, Декан на Факултетот за архитектура и дизајн, на завршната сесија од 10-та Јубилејна Охридска летна архитектонска школа, на која беше презентирана публикацијата „Staging Ohrid’s Landscape“ („Инсценирање на Охридскиот пејзаж“).

– Меѓународната летна школа за архитектура се одржува веќе 10 години во Охрид. Истата се организира уште од 2013 година во соработка со Факултетот за архитектура и дизајн при Универзитетот Американ Колеџ од Скопје. На сите сесии од летната школа присуствуваат еминентни дизајн гости и тутори како архитектите: Јошихару Цукамото, Момојо Каиџима од Јапонија, Симон Хартман од Швајцарија, Винко Пенезиќ, Крешимир Рогина од Хрватска, Лах кој е коосновач и партнер на љубљанското студио „Енота“ и проф. Харалд Трап, шеф на катедра за проектирање на факултетот за архитектура на Ист Лондон Универзитет. На сите досега организирани летни школи учествуваат студенти од цел свет и секоја сесија има соодветна тема. Секоја година се обработува по еден дел од Охрид. Темата на последната летна школа беше „Staging Ohrid’s Landscape“ („Инсценирање на Охридскиот пејзаж“), потенцираат од НУ Завод и Музеј Охрид, институција која има значајна улога во реализација на летната школа, а чии резултати и искуства се користат во секојдневното работење на установата.

– Оваа година се одбележува и 50-годишнината од Конвенцијата за светско наследство која беше усвоена на Генералната конференција на УНЕСКО на 16-ти ноември 1972 година во Париз. Со ратификација од 194 држави членки, Конвенцијата за светско наследство сега е една од најратификуваните меѓународни конвенции во историјата со впишани 1.154-те културни и природни добра и локалитети на светското наследство лоцирани во 167 земји ширум светот, порача во својата презентација на летната школа, м-р Горан Патчев, Виш конзерватор, кој се наврати на значењето и улогата на Конвенцијата за светско наследство и нејзина имплементација во Охридскиот регион. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: НУ Завод и Музеј Охрид

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука