Избор Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Бугарските клубови во Македонија „Ванчо Михајлов“ и „Цар Борис“ имаат три месеци рок за да си ги сменат имињата

Скопје/Охрид, 3. ноември 2022 (ОХРИДПРЕС) – По вчерашното изгласување во Собранието на измените на Законот за здруженија и фондации, бугарските културни клубови во Македонија, „Ванчо Михајлов“ во Битола и „Цар Борис Трети“ во Охрид, имаат рок од три месеци да ги усогласат имињата со новите одредби.

Според усвоените измени во Законот за здруженија и фондации, отсега е забрането да се основа организација ако програмата и целите се насочени кон поддршка, поттикнување и одобрување фашизам, нацизам, националсоцијализам и Третиот рајх. Како име или назив на организација не можат да бидат употребувани имиња, презимиња, прекари, псевдоними, кратенки и иницијали на лица кои шират расна, верска, национална, етничка и друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстерминација, како и со ширење или поддршка на фашизам, нацизам, националсоцијализам и Третиот рајх.

Сите здруженија имаат рок од три месеци да го усогласат своето име со новите одредби, а оние што нема да го сторат тоа ќе се бришат од Централниот регистар со одлука на министерот за правда, кој е должен да донесе одлука за престанок во рок од четири месеци по влегувањето на Законот во сила.

За измените во Законот гласаа 67 пратеници. Пратениците на ДУИ не се изјаснија за законските измени. Бујар Османи, во својство на портпарол на ДУИ деновиве изјави дека овој закон не треба да важи ретроактивно и треба да ги опфаќа само новите здруженија, а постојните да не бидат забранети. За пратениците на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ е неприфатливо во Македонија да постојат клубови со имиња на фашистичките соработници од Втората светска војна.

Предложените законски измени на двете партии следеше по отворањето бугарски клубови во земјава со имињата „Ванчо Михајлов“ на 16-ти април во Битола и „Цар Борис Трети“ на 7-ми октомври во Охрид.

Клубот „Цар Борис Трети“ беше отворен од страна на Здружението кое го носи истото име, а беше формирано претходно. Истовремено со отворањето на клубот, пред просториите каде се наоѓа, беше организиран протест, кој помина без инциденти иако на моменти атмосферата беше тензична. (Крај)

извор: МКД/ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука