ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид Охридски приказни ТОП ВЕСТИ

Сашо Митан во „Охридски приказни“: Кој имал среќа утрово да се разбуди во Охрид, може да смета дека за денес доволно постигнал во животот (Видео)

Охрид, 3. ноември 2022 (ОХРИДПРЕС) – Мора сите заедно да се обидеме да ја продадеме приказната за Охрид. Да дефинираме точна стратегија, кој сакаме да доаѓа тука, кого го привлекуваме, што ние им нудиме на тие луѓе, знаеме ли точно што тие сакаат, вели Сашо Митан, првиот човек на охридското Супер радио, кое за неколку дена прославува роденден, односно 30 години успешна работа.

Супер радио е еден од најстарите приватни електронски медиуми во Република Македонија. Тоа е приказна која започна во ноември 1992 година и од тогаш негува свој сопствен и препознатлив стил и став кон случувањата и животот во Охрид.

– Кој имал среќа утрово да се разбуди во Охрид, може да смета дека за денес доволно постигнал во животот. Секое понатамошно инсистирање на уште нешто, би било нескромно, го парафразира тој славниот Душко Радовиќ, во неговата изјава за Белград.

– Супер радио е релативно мала, но компактна екипа во која секој си го знае својот дел. Функционираме добро и некако успеавме да ги преживееме сите предизвици, економски, персонални, политички и човечки со кои се среќававме годиниве наназад. Околу политичките предизвици, можам да кажам дека јас можам да се врзам со човек, но тешко со партија или некоја таква групација. Јас сум индивидуалец, кој одлично игра во тим, но во тим кој јас го одбирам. Партиите ми се како оние продавници во кои се продава „Се’ за 100“. Таму ќе најдеш нешто што вреди 100, ама има многу со пониска вредност, ама пак се продава за 100, вели Сашо Митан во ноемвриското издание на „Охридските приказни“ со „Форт кафе“.

Со него, Татјана Караџова- Маленкова од порталот Охрид 1 разговараше за тоа каков сакаме и каков може и треба да биде Охрид, затоа што Охрид сме сите и сите сме Охрид.

Низ годините, тука поминале најдобрите новинари, техничари и водители. Радиото во својот растеж технички се унапредуваше, а денес е омилено ретко катче во Охрид кое ја има магијата што ја создава радиото како медиум.

– Полни 30 години се зад нас, години во кои поминаа многу луѓе низ радиото и сите тие оставија свој придонес во она што сме денес. Секогаш сум одел на тоа да имам мал круг големи луѓе околу себе и се држиме до тоа низ годините. Супер радио секогаш подразбирало добра работна атмосфера, место каде што се прифаќаат добри предлози, каде што од обична реченица или локална случка се правеле навистина големи работи, место каде што секој е ѕвезда. Многу често, на своја штета, весламе спроти текот на водата. Можеби тоа е некоја наша внатрешна потреба да го бараме изворот каде што водата е најчиста, потенцира Митаноски.

Во своето 30-годишно постоење тука се направени бројни забавни и едукативни емисии. Има активна информативна, забавна, спортска и културно-образовна програма.

„Охридските приказни“ се ново дело излезено од креативната работилница на Супер радио и Be 1 Digital Marketing, кои поставуваат нови стандарди во маркетингот и презентацијата на компаниите во регионот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: Супер радио и Be 1 Digital Marketing

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука